Утрински Весник
Македонија

Архитектот Ѓоко Радовановиќ добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов”

Архитектот Ѓоко Радовановиќ добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов”

Врз основа на одлука на Управниот Одбор на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), наградата за животно дело во областа на архитектурата и градителството „Андреја Дамјанов” за 2020 година е доделена на Ѓоко Радовановиќ, дипломиран инженер архитект од Скопје.

Ѓоко Радовановиќ е креатор на проекти и објекти кои оставиле значаен белег на современата македонска архитектура. Неговите архитектонски дела, стилот и изразот оставаат огромен белег, посебно на градот Скопје.

Автор е на 124 проекти, од кои негови позначајни архитектонски дела се: Соравиа Центар Скопје (SoraviaCenter Skopje), Соравиа Ресорт Скопје (SoraviaResort Skopje), С.Ц. „Јане Сандански”, Вила „Дарко Панчев”, индустриски објект „Рио Кафе” и многу други. Во доменот на изработка на специфични проекти, се јавува како автор на „Студија за монтажни соларни куќи” и на „Студија за монтажни санитарни кабини”.

„Особено ми е драго што оваа награда се додели на еден истакнат архитект како што е Ѓоко Радовановиќ. Неговите архитектонски дела, стилот и изразот оставаат огромен белег, посебно на градот Скопје. Работата на архитект Радовановиќ е од суштинска важност за современата македонска архитектура, во целина”, истакна Мишко Ралев, претседател на ААМ.

Ѓоко Радовановиќ е роден во Подујево, во 1949 година. Средно образование, насока архитектонски техничар, завршува во Ниш (1967), а Високото образование го продолжува на Архитектонскиот Факултет во Скопје.

ААМ ја додели оваа награда откако сите членови на Комисијата поединечно изразија поддршка за кандидатурата на архитект Ѓоко Радовановиќ и едногласно поднесоа предлог- одлука до Управниот Одбор на ААМ за негово прогласување за добитник за 2020 година.

Членови на Комисијата беа: Мартин Гулески, д.и.а., Претседател; Миодраг Митровиќ, д.и.а., Член; Виолета Бакалчев, д.и.а., Член; Јана Гугулоска Ѓорѓевиќ, д.и.а., Член; Ѕвонко Тасевски, д.и.а., Член.

Наградата за животно дело „Андреја Дамјанов” е востановена на 28 декември 1989 година, во чии рамки академик Крум Томовски свечено бил прогласен за прв Лауреат. Наградата се доделува врз основа на јавен повик на кој можат да се пријават кандидати – државјани на Р.С.Македонија, додека право на поднесување на предлози имаат само членови на ААМ. Добитникот на наградата автоматски станува редовен член на Архитектонска Академија на ААМ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје