Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го прашува директорот на Фондот за иновации, Коста Петров, дали дел од 200.000 евра од ФИТР завршиле кај советник на СДСМ од Град Скопје.
„Јавно прашуваме да ни одговори Коста Петров или кој било од СДСМ, дали едната од агенциите која земала од овие 200.000 евра за тендерот Бригада Дизајн, нејзино челно лице е Бојан Ивановиќ, имено советник од редовите на СДСМ во Град Скопје?“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој и вчера се осврна на оваа тема, коментирајќи дека Петров трошел 200 илјади евра за себепромоција, склучувајќи договор со две маркетинг агенции за да снима интервјуа и спотови во Фондот за иновации со државни пари.
Петров ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека видеата се направени во негова продукција и не се реализирани во рамките на договорите со маркетинг агенциите кои се споменуваат од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Арсовски, тоа што Петров во своја одбарана вели дека договорот го склучил неговиот претходник, укажува дека ги трга рацете оти има нешто сомнително во овој тендер што, сепак, е склучен во период кога СДСМ е на власт. Арсовски нагласува и дека ако Коста Петров не ги користи услугите на овие две агенции и снима со сопствена продукција, како што тврди, зошто досега како директор не го не го ревидирал истиот договор и да го поништи да спаси 200.000 евра на граѓаните да не завршат непотребно во нечии џебови.