Дрворедот на улицата Васко Карангелески ќе биде целосно зачуван, претходниот проект со реконструкцијата предвидувал сечење на дрворедот на потегот на целата улица. Со новиот проект ќе се зачува целото зеленило и ќе се посадат нови 30-ина дрвја, истакна градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска.
„Првичниот проект на улицата предвидуваше целосно отстранување на 100-ина дрвја за да може да се изврши реконструкцијата. Се направи промена на планот како да се зачува дрворедот и да се зголеми бројот на дрвја и на овој потег. Дрворедот пред пензионерскиот дом ќе биде целосно зачуван, над 100-ина дрвја, стари 100-ина години на овој потег, ќе ги зачуваме, а веќе беа пресадени 16-ина здрави дрвја заедно во соработка со Општина Аеродром, тие се веќе пресадени на потегот кај основното училиште ‘Љубен Лапе’“ изјави Арсовска на денешниот увид на градежните работи.
Таа рече дека барањето да се отвори оваа улица и да се реконструира овој потег е по барање на голем број граѓани што гравитираат на овој потег и на голем број јавни објекти, кои се во интерес на граѓаните, а со што би се растоварил сообраќајот на овој потег.
„Вредноста на улицата е 77,5 милиони денари, а рокот за изградба во должина од еден километар е 2023 година, чија реконструкција ќе биде и реализирана од страна на Град Скопје, добиваме голема поддршка од граѓаните за реконструкција на улицата и со новата промена на проектот успеавме да направиме заштита на дрвјата“, истакна Арсовска.
За градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, измената на проектот значи многу за граѓаните на Аеродром, како и дека досега за само неколку месеци се засадени над 400 нови садници за зголемување на зеленилото во општина Аеродром.
„Јас и градоначалничката Арсовска апсолутно сме посветени кон реализација на нашите ветувања. Поврзано со овој проект, ветивме дека ќе има нови сообраќајни решенија и токму тоа и го има. Дека ќе биде спасен дрворедот, апсолутно се спасува дрворедот. Според претходниот проект, како што објасни градоначалничката Арсовска, требало над 100 дрвја да бидат целосно исечени, сега сите тие дрвја ќе бидат спасени. Во однос на нашите заложби поврзани со засадување нови дрвја, морам да истакнам дека во последните неколку месеци, од ноември, на територијата на општина Аеродром имаме над 400 нови садници, што значи дека ние работиме посветено на нашите ветувања. Овој проект е од огромно значење, што обезбедува сериозно сообраќајно решение, бидејќи сите сме свесни за сообраќајниот хаос во кој е оставен градот. И тука е потребно да се реализира, ќе се реализира во согласност со нов проект, а граѓаните на крајот ќе бидат сведоци дека дрвјата и овој многу значаен дрворед за дел од општина Аеродром, каде што јас сум израснал, целосно ќе биде спасен и ние го реализираме сето она што заедно со градоначалничката Арсовска во текот на кампањата го ветивме“, изјави Муцунски.
Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски, посочи дека стручни лица од Градот и ЈП „Паркови и зеленило“ извршиле увид и процена, според која само дивоизраснатите дрвја штетници биле отстранети.
„Поврзано со сечењето на 10-те дрвја, мораме да потенцираме дека тоа се десет дивоизраснати дрвја, кои беа на неодредена површина. Морам да напоменам дека сѐ што е сечено претходно е по налог на претходната градска власт. Пред да бидат исечени овие дрвја екипи излегоа на терен за процена и мора да се знае дека покрај тоа што тие дрвја се дивоизраснати, имаат и специфична коренова структура и имајќи предвид дека станува збор за кисели дрвја, кои се штетници, и имајќи предвид дека тука минува подземната инсталација, едноставно не можеше да бидат пресадени“, изјави Сотировски.