Утрински Весник
Македонија

АРМ во 2020 година стана НАТО армија

АРМ во 2020 година стана НАТО армија

Годината која светот ќе ја памти по пандемијата на ковид-19, за одбраната беше успешна година, оценува Министерството за одбрана во својата новогодишна порака. Главната причина е што по речиси три децении, Република Северна Македонија на 27 март стана полноправна членка на Северноатлантската алијанса.

– Со членството во Алијансата ја зацврстивме безбедноста дома, но и во регионот, каде станавме значен фактор на стабилност. Како членка на НАТО, ја започнавме првата Air Policing НАТО мисија која е ексклузивна придобивка за земјите членки на Алијансата со цел заштита на интегритетот на воздушниот простор на сојузничките држави, подвлекува Министерството, и додава дека годинава македонската одбрана го доби првиот пакет на НАТО цели и способности и започна со трансформација на АРМ и нејзина целосна интеграција во структурите на Алијансата.

Годинава АРМ уште еднаш покажа дека постои за граѓаните. Како што потсетува Министерството, АРМ со медицински персонал од Военомедицинскиот центар помага во јавното здравство во справување со епидемијата.

 

 

Годинава персоналот на АРМ и МО доби зголемување на платите, но војниците добија и надоместок за закупнина од околу 8.000 денари секој месец.

„Прв пат сите припадници добија бенефициран стаж. Се обезбедија повисоки надоместоци за пилотите, воздухопловниот кадар, медицинските лица, критичните специјалности, за припадниците кои се дел од нашата НАТО – единица, Лесната пешадиска борбена група. Припадниците на Армијата вклучени во борбата со пандемијата добија поголеми дневници“, нагласува МО.

Министерството повтори дека се надградува инфраструктурата на Армискиот полигон Криволак, каде што годинава Лесната пешадиска баталјонска група, најголемата македонска единица одредена за НАТО-мисии, изведе серија обуки со тимови за обуки од Британската Армија. На пролет, на Криволак ќе се одржи вежбата „Одлучен удар 21“ на која ќе учествуваат околу 2.000 припадници на АРМ со армиите на САД, на Бугарија и на Грција.

Министерството потсетува дека набави инженериски машини за АРМ, и дека е во тек набавка на лесни оклопни возила од САД, дека реновираше објекти, меѓу кои и објектот кој од годинава е седиште на Командата на СЕЕБРИГ-Мултинационалната мировна бригада на Југоисточна Европа.

„Армијата се опремува, но и подмладува. Во септември примивме 70, пред само неколку дена уште 200 нови професионални војници кои мораа да се изборат за своето место од вкупно 1.800 кандидати. Подмладувањето на Армијата продолжува и во 2021 година. По цели 11 години пауза,  за прв пат го започнавме процесот на обновување на подофицерскиот кадар, кој е ’рбетот на Армијата. Следната година Армијата ќе има нови 120 подофицери“, подвлекува Министерството.

МО потсетува дека годинава Центарот за граѓански комуникации го прогласи за најтранспарентна институција во државата, а „Транспаренси интернешнл“ за втора во Централна и Источна Европа.

„Според мерењето на Метаморфозис и Action SEE, одбраната е високо во врвот, на второто место за добро владеење и институционална отвореност“, нагласува МО во новогодишната порака.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим

61- годишна жена го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија

Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј