Утрински Весник
Македонија

Армијата од денеска се вклучува во обезбедувањето на објектите од витално значење

Армијата од денеска се вклучува во обезбедувањето на објектите од витално значење

 

Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Припадниците на Воената полиција во Армијата на Република Северна Македонија, денеска активно се вклучуваат во обезбедување на објектите од витално значење, меѓу кои Владата, Собранието и затворите во Скопје.

Од Министерството за одбрана информираат дека се врши реорганизација и зајакнување на обезбедувањето на резиденцијата на Претседателот со армиско обезбедување. Обезбедувањето, подвлекуваат, ќе се врши во комбинирани тимови со единиците на полицијата.

– Изминатите два дена, припадниците на Армијата од своите колеги од полицијата се запознаваа со овластувањата, процедурите и задолженијата за извршување на оваа задача. Информираме дека армиските припадници, обезбедувањето на објектите ќе го вршат во армиска униформа, а на себе ќе го имаат личното формациско вооружување, појаснуваат од МО.

Обезбедувањето на овие објекти се прави во целосна координација со Министерството за внатрешни работи, а е врз основа на Уредбата на Владата за утврдување на задачи на Армијата во периодот додека трае вонредната состојба.

– На овој начин, Министерството за одбрана и Армијата превземаат дел од обврските од Министерството за внатрешни работи и овозможуваат полициските сили да ги фокусираат своите капацитети кон задачите, чија главна цел е почитувањето на воведените владини мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, се вели во соопштението од МО.

Армијата и полицијата заеднички ги вложуваат сите свои капацитети во заштита на безбедноста и јавното здравје. цр//са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

НЕДЕЛНА АНАЛИЗА НА ВРЕМЕТО: До четврток стабилно, суво и претежно сончево, од петок 29 Ноември, нов влажен бран во Македонија!

Почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Студено утро со температури и до минус 11 степени