Утрински Весник
Македонија

Армијата го презеде Центарот за обука на пилоти

Армијата го презеде Центарот за обука на пилоти

Со воена церемонија во Центарот за обука на пилоти (ЦОП), во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, се изврши преминување на овој капацитет за обука на пилоти во структурата на Армијата на Република Северна Македонија.

Со потпишување на финалниот записник за примопредавање од страна на одговорниот претставник на Армијата, директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески и директорот на ЦОП и претставникот на израелската фирма ЕЛМАК-Елбит системи, Јаари Шрага, официјално се изврши примопредавање на надлежностите од израелската фирма на Армијата.

Со ова формално ЦОП влегува во структурата на Армијата како составен дел од Воздухопловниот ВИНГ.

Во своето обраќање, генералот Милески се заблагодари на досегашното раководство за високата професионалност и успешното раководење со центарот.

„Денес Армијата свечено го презема Центарот за обука на пилоти. Истиот ќе фукционира како Сквадрон за обука и тренажа во структурата на Воздухопловниот ВИНГ на Командата за операции. Од денес, оваа единица е одговорна за примена на собраните искуства и научените лекции во делот на едукацијата и новите методи на обука и тренажа на воздухопловците на Армијата“, рече тој.

Во Центарот во изминатите десет години дипломирале 27 пилоти од кои 25 за потребите на Армијата и Министерството за внатрешни работи.

Центарот за обука на пилоти започна со работа во 2011 година, а согласно договорот, обврските на ЕЛМАК-Елбит системи за управување со ЦОП завршуваат на крајот од 2020 година, односно центарот преминува во рацете на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.

Целта на проектот беше воспоставување на организиран систем за школување и обука на пилоти за потребите на Армијата, министерството за внатрешни работи и други владини воздухопловни структури.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег