Сцени како од пеколот и апокалиптично небо. По сушата и силниот ветер, пожарите продолжуваат да го опустошуваат Западниот брег на САД, каде што однесоа шест животи.
Едногодишно дете и родители настрадале обидувајќи се да избегаат од пожарот во државата Вашингтон, соопшти канцеларијата на шерифот во округот Оканоган.
Жариштата на пожарот се протегаат од државата Вашингтон, на север во близина на границата со Канада, до Сан Диего во јужна Калифорнија.
Во Орегон изгореа 120.000 хектари и се очекуваат бројни жртви и материјална штета на најмалку пет места поради пожарите, додека во тек се масовни евакуации, рече гувернерот Кејт Браун.
Две лица се пронајдени мртви во Орегон во средата, рече шерифот во округот Мерион, а локалните медиуми објавија дека станува збор за 12-годишник и неговата баба.
Џоди Еванс, жителка на областа Детроит, објасни дека и се чинело дека е во пеколот, додека бегала од пламенот што се заканувал на нејзиниот дом.
Носен од ветрот, огнот се проширил долж брегот. Повеќе од дваесет пожари беснеат во Калифорнија. Огнот годинава зафати рекордни над 10.000 квадратни километри од државата.
Три лица настрадаа на северот на државата, соопштија властите во округот Буте.
Во Сан Франциско, жителите се разбудија под портокалово апокалиптично небо. Скоро 1.000 полицајци се бореле со пожарот на над 65.000 хектари во близина на Фресно.
Гувернерот на Вашингтон, Џеј Инсли, рече дека повеќе од 133.000 хектари изгореле во девет големи пожари за 24 часа, што е повеќе од двојно од изгорената површина во 2019 година.