Утрински Весник
Македонија

Анкета: Осум од десет верници велат дека ќе останат дома за Велигден и за Рамазан Бајрам

Анкета: Осум од десет верници велат дека ќе останат дома за Велигден и за Рамазан Бајрам

Верниците немаат дилема дека за претстојните големи празници Велигден и Рамазан Бајрам треба да останат дома, наместо да заминат во црква или џамија.

Најновото истражување на јавното мислење „Практикување на религија во услови на Пандемија“, што го реализираа интернет порталот religija.mk и Институтот за политички истражувања-Скопје со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, покажува дека високи 80,3 отсто од испитаниците сметаат дека Велигден и Рамазан Бајрам треба да се слават во домашна атмосфера, наспроти 10,4 отсто кои сметаат дека овие празници треба да се слават во црквите и џамиите.

Истражувањето открива дека верниците ги оправдуваат двете најголеми верски заедници, МПЦ-ОА и ИВЗ што ги прифатиле препораките на државата за заштита од ширењето на пандемијата. 75,1 отсто од анкетираните сметаат дека МПЦ-ОА и ИВЗ исправно постапиле што се приклучиле на вонредните мерки на државата, додека пак 79,6 отсто од испитаниците сметаат дека забраната за масовна посета на црквите и џамиите е соодветна и оправдана превенција од ширење на корона вирусот. 51 отсто пак одговориле потврдно дека верските заедници соодветно реагираат на предизвиците со корона вирусот.

Ова истражување, кое имаше за цел да ја детектира перцепцијата на верниците во поглед на рестриктивните мерки на државата и односот кон религијата покажа интересни резултати. Иако македонското општество во висок процент (51 отсто) се декларира како религиозно и донекаде религиозно (32 отсто), сепак смета дека вонредните мерки за заштита и забраните за присуство на верници во храмовите не значи и ограничување на правото на вероисповед. Тоа го потврдиле високи 63,4 отсто од анкетираните.

Интересен е податокот кој се добива како одговор на прашањето „Дали сметате дека ако отидете во црква или џамија, постои ризик да се заразите од корона вирус?“, речиси повеќе од половината, или 57,1 отсто од анкетираните одговориле потврдно, а само 20,9 отсто немаат страв од тоа. Во тој контекст, верниците се согласни дека сите црковни настани, како што се венчавки, крштевки треба да бидат одложени во овој период. Такво мислење делат високи 70,5 отсто од испитаниците, а само 15,6 отсто се согласни тоа да го сторат сега и во ограничен број на присутни.

Истражувањето е спроведено во април 2020 година на репрезентативен примерок од 1.127 испитаници, со маргинална грешка помеѓу +/-2,9 отсто и со 95 отсто интервал на веродостојност.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Втор симпозиум на Друштвото на медицински сестри – инструментарки

Панел-дискусија на АХВ за управување со популацијата на бездомни кучиња

Градоначалниците на Ресен, Преспа, Пустец и Девол ќе потпишат Меморандум за соработка за Преспанскиот басен