Скопје, 25 февруари 2020 (МИА) – Да се развие платформа за споделување знаење, каде сите земји ќе можат да видат најдобри практики од други држави. На овој начин земјите ќе можат да учат од најдобрите искуства, а владите да носат политики кои се засноваат на докази и претходно искуство. Ова, како што информираат од Министерството за финансии, било дискутирано на средбата помеѓу министерката за финансии Нина Ангеловска и ИКТ тимот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) која се одржа на маргините на Инвестицискиот самит на земјите од Западен Балкан во Лондон.
-На состанокот со ИКТ тимот на ЕБОР зборувавме за една иницијатива која неодамна им ја предложивме, а тоа е да се развие платформа за споделување на знаење каде сите земји ќе можат да ги видат најдобрите практики од другите земји. Ако сакаме, на пример, да инвестираме во ИКТ технологии или дигитализација, или други сектори и индустрии, преку платформата би можеле буквално да провериме како другите земји, односно успешните примери, го направиле тоа и да го земеме и аплицираме во нашата земја. Разговаравме и на едно место да се претстават сите проекти кои ЕБОР ги има во регионот и другите земји, што би придонело владите да креираат политики засновани на докази и да носат информирани одлуки. Светот се движи пребрзо, има земји за кои сме слушнале дека се успешни примери, на пример Естонија во делот на дигитализација, Израел во технологија, но има и многу успешни примери кои не ги знаеме, а заслужуваат и може да ги имплементираме и да разменуваме знаење, вели Ангеловска.
Министерката за финансии беше дел од македонската делегација предводена од премиерот Оливер Спасовски, а во која беше и министерот за економија Крешник Бектеши која учествуваше на Инвестицискиот самит на земјите од Западен Балкан на ЕБОР во Лондон. На Самитот беше разговарано за приоритетни пртоекти каде ќе се инвестира во регионот. Согласно Стратешката рамка за инвестиции на ЕБОР за регионот 2019- 2024 година, трите главни приоритети се: зголемување на конкурентноста и развојот на вештини, интегративните процеси за соработка помеѓу земјите и зелена економија со инвестиции во обновливи извори, енергетика итн.
Европската банка за обнова и развој е посветен партнер на земјава од 1993 година. Во изминатите години има вкупно 124 проекти што се поддржани и финансирани од Европската банка за обнова и развој со вкупна вредност од околу две милијарди евра. Најголем дел од нив или околу 83 отсто се во јавниот сектор, додека останатите се во поддршка на приватниот сектор. Активното портфолио изнесува околу 800 милиони евра, од кои најголемиот дел се инвестиции во патна, железничка инфраструктура, додека втор сектор по значајност или по обем на инвестиции е енергетиката.скс/са/