Утрински Весник
Економија

Ангеловска: Изменетите уредби се во насока на заштита на работните места

Поедноставна постапка за донирање – побрзо, полесно, електронски

Скопје, 1 мај 2020 (МИА) – Преку конструктивен дијалог, секогаш можеме да дојдеме до решенија кои ќе ги пресретнат очекувањата на двете страни, а истите се во интерес на заштита на работните места и заштита и на оние кои ги изгубиле работните места, напиша министерката за финансии Нина Ангеловска по усвојувањето на измените на двете уредби со кои се нуди можност работниците кои ги загубиле работните места во текот на кризата да можат да бидат вратени на работа и се допрецизираат условите во кои не смее да се отпуштаат работници ако се користи мерката за субвенционирање на плати.

– На владината седница, денес на 1 Мај, усвоивме две уредби со законска сила – можност работниците кои ги загубиле работните места во текот на кризата да бидат вратени на работното место до 7 мај и со тоа да добијат плата за месец април и допрецизирање на уредбата за финансиска поддршка од 14.500 денари со цел засилување на владината политика за спас на работни места, а во согласност со синдикатите, вели Ангеловска во објавата на Фејсбук.

Осврнувајќи се на двете измени, Ангеловска појаснува дека работодавачите кои одјавиле работник од задолжително социјално осигурување во периодот од 11 март до 30 април  може да склучат спогодба за враќање на работа со што работникот ќе се врати на работното место и ќе земе плата за месец април, а доколку работникот не сака да се врати на работа, тогаш работодавачот може на негово место да пријави друго, невработено лице.

Со измената на уредбата за финансиска поддршка за плати, пак, за репер за бројот на вработени ќе биде месец април, а не месец март. Со оваа измена се допрецизираат условите во однос на задржувањето на бројот на вработени.

Измените на уредбите се направени по средбата со синдикалните организации и здруженија на граѓани кои жестоко реагираа на одредби од уредбата за субвенционирање на плати за вработените во стопанството во делот на отпуштање на бројот на вработени. бак/ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Ангеловска-Бежоска за МТВ: Пристапувањето во СЕПА ќе донесе заштеда од половина милијарда евра за земјите од Западен Балкан

УЈП: Преку „меки“ мерки и соработка кон подобрување на даночната усогласеност

Трет ден расправа за ребалансот на Буџетот