Утрински Весник
Економија

Ангеловска: Вкупно 309.337 граѓани ја искористиле домашната платежна картичка

Префрлени 32 милиони денари кон банките за приговорите за домашната платежна картичка

Вкупно 309.337 граѓани ја искористиле домашната платежна картичка, а вкупниот реализиран промет изнесува 26,5 милиони евра, објави министерката за финансии Нина Ангеловска на Фејсбук.

„Ова е најобемната мерка од ваков тип која се спровела кај нас, која воспостави нов начин на имплементација. Како антикризна мерка, главни цели на домашната платежна картичка беа да се поддржат целни категории на граѓани во соочувањето со Ковид-кризата и економската активност преку поттикнување на приватната потрошувачка на домашни производи и услуги и на кус рок да се амортизира ударот врз економијата. Но, домашната платежна картичка беше димензионирана и осмислена со цел да донесе и многу други бенефити и системски промени во општеството: креирање свест за купување домашни производи, поттикнување на безготовинско плаќање и промена на навиките, а со тоа дејствување кон сузбивање на сива економија и современа администрација – услуга кон граѓаните без шалтери, документи и поднесување барања“, соопшти Ангеловска.

Според сумираните податоци, од околу 330 илјади кои биле на листите, платежната картичка ја зеле 309 илјади граѓани, додека од вкупно префрлените 28,3 милиони евра кон банките, искористени се 26,8 милиони евра за издадени картички. Од нив, 26,5 милиони евра се потрошени за купување на домашни производи. Разликата, како што пишува Ангеловска, ќе биде вратена во Буџетот.

Гледано по групи на граѓани, најголема реализација или 97 проценти има кај невработените лица и здравствените работници, а најниска кај младите лица (90 проценти). Поточно, на 113 илјади невработени и приматели на социјална помош им се доделени 16,5 милиони евра, на 111 илјади вработени со ниски примања – 5,4 милиони евра, на 81 илјада млади – 4 милиони евра и на 4 илјади здравствени работници – 900 илјади евра.

Со проектот „Домашна платежна картичка“ забележан е раст од околу 20 проценти кај бројот на издадени платежни картички и раст во бројот на трансакции за околу 40 проценти. Поставени се и над 1.200 нови ПОС терминали. Ангеловска смета дека растот на безготовинските трансакции значи намалување на нерегистрираните трансакции кои се дел од сивата економија, а со проектот поставени се и нови стандарди во имплементацијата за поефикасна администрација.

Граѓаните кои ги имаат домашните платежни картички ќе можат и понатаму да ги користат како нормални дебитни картички.

„Верувам дека истите ќе најдат примена и во иднина при дизајнирање на идни проекти и програми на Владата. Да купуваме домашно, да плаќаме безготовински, да се стремиме сите заедно за подобро и посовремено општество“, вели Ангеловска.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст

Соработката со „Бехтел ЕНКА” продолжува со презентации во Прилеп и во Битола за тендерските процеси и за зајакнување на учеството во локалниот синџир на снабдување

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025