Скопје, 4 март 2020 (МИА) – Има фискален простор за да се справиме со евентуален потенцијален економски шок што би можел да настане поради коронавирусот. Во позиција сме да реагираме во секој поглед. Буџетот е во одлична кондиција, одлична е и реализацијата на приходната страна, а раст има и кај сите даноци, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска во вечерашната „Топ тема“.
Според неа, ситуацијата со вирусот е неизвесна во глобални рамки, не се знае кон што ќе води и поради тоа не може да се квантифицираат евентуалните влијанија врз државната каса.
-Македонската економија од аспект на Буџетот е подготвена да се справи со евентуалната глобална криза поради корона вирусот. Сценарија за тоа како ќе делуваме немаме креирано, но имаме разгледано што би презеле и што другите земји ќе преземат. Ниту една земја нема излезено со анализа и конкретен план што ќе прави, туку сите се на штрек. Работите се менуваат на дневна основа и треба брзо да се реагира, истакна Ангеловска.
Според поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, државата мора да има план за справување со евентуален економски шок зашто во такви услови, не е исклучено приходите и извозот многу брзо да колабираат, економската активност да замре, а некои компании дури и да престанат со работа.
Славески предложи на компаните да им се овозможи извесно одложување на обврските во однос на плаќањето на даноците зашто може да се случи вработени да останат без доход, па треба да се размислува и за тие луѓе.
-На надеж да темелиме очекувања дека ќе можеме да се справиме со посериозни последици од коронавирусот, не е паметна политика. Надежта дека нема да се случи погллем шок не е план, треба да имаме план. Оваа пандемија го забрзува надоаѓањето на глобалната рецесија за која има навестувања уште од лани, а во услови на голем, екстремен шок, приходите многу брзо може да колабираат, извозот исто, економската активност замира. Можна е и слаба реализација на приходите. Затоа, треба да имаме план. Треба да сме подготвени и за најсериозното сценарио зашто може да се случи и некои компании да престанат со работа, да се најдат во неликвидност, рече Славески.
Во врска со заминувањето на малдите од земјава, министерката Ангеловска истакна дека тоа се случува поради ниските плати, квалитетот на услуигите, здравството, образованието,…
-На долг рок се инвестира во трите клучни столба, вкупно 154 милијарди во образованието, здравството и социјалата кои го прават индексот на човечки капитал според кој сме на многу незавидно место. На краток рок, пак, може да се понудат поглеми палти, рече Ангеловска, потенцирајќи дека цел систем не може да се смени за две-три години.
Подвлече и дека е битно да имаме здрави политики кои ќе ја носат економијата нагоре. мч/аа/