Утрински Весник
Македонија

АНБ ги демантира тврдењата на министерот Чулев

АНБ ги демантира тврдењата на министерот Чулев

28 мај 2020 

На денешната прес конференција на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев беа изнесени бројни дезинформации во врска со работењето на Агенцијата за национална безбедност, кои во целост ги отфрламе како невистинити и тенденциозни.
Наводите за наводна посредничка улога на Агенцијата за национална безбедност во процесот на следење на комуникациите и за наводен монопол во во системот за следење на комуникациите се целосно невистинити.

Имено, согласно член 35, став (1) од Законот за Оперативно техничката агенција, опремата за следење на комуникации со кои располагала поранечната Управа за безбедност и контраразузнавање е предадена на Оперативно техничката агенција, на ден 27.10.2018 година, за што е изготвен соодветен записник за примопредавање потпишан од директорите на УБК и Оперативно техничката агенција. Со наведениот записник, во согласност член 35, став (2) од истиот Закон, се предадени и медијациските уреди, сопственост на телекомуникациските оператори, кои до тогаш се наоѓале во МВР односно УБК. Примопредавањето е вршено под надзор на Комисија во чиј состав, покрај другите имало претставници на Врховниот суд и парламентарната комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Со тоа Агенцијата за национална безбедност не располага ниту со опрема за следење на комуникации, ниту со медијациски уреди за активирање на следењето на комуникациите во мрежите на операторите. Исто така, Агенцијата нема техничка можност самостојно и независно да активира и да врши следење на комуникации во мрежите на телекомуникациските оператори без посредство на Оперативно техничката агенција. Согласно член 2, став (1) од Законот за Оперативно техничката агенција, оваа Агенција е самостоен државен орган кој што овозможува техничка поврзаност помеѓу операторите и органите овластени за следење на комуникациите.

Министерството за внатрешни работи има посебна служба за администрирање на пристапот зо следењето на комуникации заради кривични истраги. АНБ нема пристап до ваквата администрација, ниту може да има увид во тековните предмети на МВР.

Во изјавата на МВР – Чулев единствено вистинито е дека поранешната УБК од аспект на техничката опременост го имала монополот над користење на опремата за следење на комуникациите и таа монополска улога масовно ја злоупотребувала.

Тој период конечно е зад нас, но тоа веројатно е тешко сфатливо за МВР – Чулев кој во тоа време имаше раководна функција во Агенцијата за разузнавање, чии вработени исто така беа сериозно инволвирани во настани кои се денес предмет на актуелни судски постапки.

Агенцијата за национална безбедност продолжува со етаблирање на својата улога на компетентен и професионален заштитник на националната безбедност, извршувајќи ги своите надлежности во целосна согласност со Уставот и законите и постапувајќи при тоа независно и без никакво надворешно влијание.

Во овој контекст, Агенцијата за национална безбедност ја изразува својата подготвеност во секое време за спроведување на контрола и надзор од страна на правосудните и останатите надзорни тела.

Агенција за национална безбедност 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина