Од 1.100 евра за метар квадратен во скопската општина Аеродром, до 900 евра за метар квадратен во населбата Карпош 4. Цените на становите се детерминирани од различни фактори, локација, година на изградба… но, кризата поради ковид-19 не го заoбиколи ниту овoј бизнис, особено градежништвото, преку високоградба, односно изградба на станови. Официјалните статистики покажуваат драматичен пад на издадени одобренија за градба како и стагнација на цените на становите, пишува „Порталб.мк“.
Јавните инвестиции – нискоградба, „мотор“ за градежништвото
За речиси 30 отсто се намалил бројот на одобренија за градба во април годинава во споредба со истиот месец лани, а значителен пад има и кај вредноста на објектите. Во четвртиот месец од годинава, кој беше еден од економски најкритичните, поминат во полициски час и големи рестрикции за деловните субјекти, предвидената вредност на објектите за кои биле издадени одобренија за градба изнесувала 59,5 милиони евра, што е дури за 31 отсто помалку во однос на април 2019 година.
„Во април 2020 година издадени се 173 одобренија за градење, што е за 27,9 отсто помалку во однос на истиот месец претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3.657.228 илјади денари, што е за 31,1 отсто помалку во однос на истиот месец ланиа“, соопштуваат од Државниот завод за статистика.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 53,2 отсто се наменети за објекти од високоградба, 10,4 отсто за објекти од нискоградба и 36,4 отсто за објекти за реконструкција. Според компаративните податоци на „Порталб“, лани во април биле издадени дури 122 одобренија за вискоградба, односно за изградба на станови, за разлика од сегашните 92 одобренија за градба.
Додека бизнисот со изгрaдба на станови е во пад, расте бројот на одобренија за градба на патишта и токму овој сегмент од градежништвото го „одржува во живот“ овој сектор. Градежништвото во првиот квaртал од годинава, кој поради здравствената криза заврши со стагнација, испорача раст од 1,5 отсто. Овој благ пораст во градежниот сектор следува по четвртиот квартал од 2019 година, кога временскиот фактор „го замрзна“ овој бизнис.
„Поволните остварувања кај вкупно извршените градежни работи се резултат на високите стапки на раст забележани и кај нискоградбата, каде има значително забрзување во однос на растот во четвртиот квартал, но и кај високоградбата, наспроти малиот пад во четвртиот квартал“ , се наведува во најновиот економски извештај на Народната банка.
Градежништвото беше еден од носечките сектори за раст на вкупната економија, но по 2015 година, стапките на раст се во постојано намалување. Во 2015 година, годишната стапка на раст во дејноста била 8 отсто, во 2016 е во минус со 2,8 отсто, во 2017 се дигна за 1,6 отсто, во 2018 повторно влезе во негативна зона од 11,9 отсто, а во 2019 забележа раст од 5,9 отсто.
„Рикверц“ на градежништво во делот на изградба на станови
Дел од бизнисмените од градежниот сектор веќе алармираат дека состојбата станува загрижувачка, бидејќи има застој во градежните работи, од една страна, но и воздржаност на побарувачката, од друга страна.
Според најновите статистики на НБРМ, во првиот кавртал од 2020 година, во однос на четвртиот квартал од 2019, цената на становите е зголемена за незначителни 0,4 отсто, а годишната стапка на раст изнесува само 1,7 отсто и е најниска во споредба со стапките во сите економските квартали во 2019 година.
Додека бизнисот со изградба на станови „хибернира“, банките се обидуваат да ги мотивираат граѓаните да земаат станбени кредити. Имено, најновата Анкета спороведена меѓу банките покажува дека една третина од нив сметаат дека условите за одобрување на станбени кредити се олеснети со намалување на каматите.
„Поголем процент од банките, околу 29 отсто, укажуваат на олеснети кредитни услови кај станбените кредити, во споредба со претходната анкета, кога ваква оценка дале околу 8 отсто од банките. Останатите банки укажуваат на непроменети кредитни услови. Од аспект на поединечните кредитни услови, кај каматната стапка на кредитите за домаќинствата и понатаму се забележува нето-олеснување, што е малку поизразено кај станбените кредити, додека кај потрошувачките кредити е малку послабо“, се наведува во Анкетата на НБРМ.
Во следниот период е предвидена изградба на 835 станови, со вкупна корисна површина од 62.697 квадратни метри. Во Скопје, најмногу станови е планирано да се градат во општините Аеродром 317 и Центар 74, а од другите градови според бројот на планирани станови за градба се издвојуваат, Велес 108 , Дебар 102, Гевгелија 69, Гостивар 58 и Охрид 42.
Дел од градежните компании од Владата побараа помош и логистика за овој сектор преку намалување на комуналиите, односно трошоците за градба. Владата за време на вонредната состојба донесе три Уредби со кои се таргетираше градежниот бизнис, а се однесуваа на продолжување на важноста на лиценците и овластувањата поврзани со градба и изработката на урбанистички планови. Фирмите од овој сектор, пак, имаа право да аплицираат и за државна помош по различни основи, исто како и компаниите од другите индустрии и дејности.