Кина гради второ поле со ракетни силоси во своите западни пустини, што укажува на потенцијално проширување на кинескиот нуклеарен арсенал и ја доведува во прашање посветеноста на Пекинг кон својата стратегија за „минимално одвраќање“, покажа новото истражување на американските истражувачи.
Новата ракетна база во кинескиот регион Ксинџијанг, идентификувана со сателитски снимки, на крајот може да има 110 силоси, се наведува во извештајот објавен од Федерацијата на американски научници (ФАС), како што пренесува Си -Ен -Ен.
Тоа е второ поле на силоси откриено од истражувачите овој месец, покрај 120 силоси кои се чини дека се веќе во изградба во соседната провинција Гансу, како што е детално опишано од американскиот центар „Џејмс Мартин“.
Двете локации, заедно, претставуваат „најзначајно ширење на кинескиот нуклеарен арсенал досега“, се вели во извештајот на ФАС.
Претходно, некои кинески медиуми ги отфрлија извештаите сугерирајќи дека станува збор за ветерна електрана.
Адам Ни, директор на Кинескиот политички центар со седиште во Канбера, рече дека откривањето на полето за силоси е „прилично убедлив доказ за намерата на Кина значително да го прошири својот нуклеарен арсенал побрзо отколку што предвидуваа многу аналитичари“.
Кина користеше околу 20 силоси со децении за своите интерконтинентални балистички ракети со течно гориво (ИЦБМ) наречени ДФ-5, но сега се чини дека гради 10 пати повеќе, се вели во извештајот.