Утрински Весник
Економија

Амбасадорот Коп: Холандија и натаму ќе дава силна поддршка за земјата и за Народната банка

Амбасадорот Коп: Холандија и натаму ќе дава силна поддршка за земјата и за Народната банка

Како претставник на Северна Македонија во конституенците на MМФ, Светската банка и ЕБОР, Холандија и натаму ќе обезбедува силна поддршка за земјата и за Народната банка во комуникацијата и соработката со меѓународните институции, што е исклучително важно во овие тешки времиња. Одлуките на Народната банка донесени во изминатата година се добредојдени во овој контекст. Потребно е состојбата и понатаму да се следи и соодветно да им се одговори на предизвиците, особено во однос на фискалната дисциплина и управувањето со јавниот долг. При справување со предизвиците, важна е поддршката на меѓународните институции при што ние остануваме ваши партнери во остварувањето на стратешките цели. Од клучно значење е да се продолжи со спроведувањето на структурните реформи во економијата на Северна Македонија. Ова го кажа амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, на средбата со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Амбасадорот и гувернерката разговараа за актуелните состојби во економијата и особено за кондицијата на финансискиот сектор. Притоа, беше посочено и на предизвиците за полесно надминување на кризата и на придонесот на кредитната поддршка за реалниот сектор, за којашто уште еднаш се оцени дека ќе биде исклучително значаен фактор и во претстојниот период. Во тој контекст се разговараше и за одлуките на Народната банка коишто се однесуваат на натамошно јакнење на системот, при што беше нагласено дека таквата внимателност е особено важна за одржувањето на кредибилитетот и транспарентноста во работењето на Народната банка, како основа за остварување на нејзината улога во одржувањето на макроекономската стабилност.

Двајцата соговорници споделуваа мислења и за подготвеноста на Народната банка за преземање соодветни активности и носење соодветни одлуки, во прилог на макроекономската стабилност, како и за поддршка на граѓаните и компаниите, велат од НБРМ.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска искажала задоволство што и во текот на корона-кризата, соработката со Банката на Холандија е интензивна и се одвива на исклучително експертско ниво.

Амбасадорот Коп и гувернерката Ангеловска-Бежоска го споделија ставот дека за македонската економија се клучни натамошни структурни реформи, коишто на долг рок ќе го зголемат потенцијалот за раст, од што зависи и одржувањето на позитивните согледувања на меѓународните инвеститори.

Можете да прочитате

ЕБОР со над 10 милијарди евра инвестиции во Србија од 2001 година

Словачка ни завидува на економскиот раст

Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 56. сесија на Клубот на истражувачите