Вокинг, 15 мај 2020 (МИА) – Карлос Саинц има голема иднина во Формула 1, сигурен е неговиот шпански сонародник Фернандо Алонсо. Мекларен го привлече Саинц како замена на Алонсо во 2019 година, откако двократниот светски шампион го најави пензионирањето од Ф1.
Вчера, Саинц беше официјално објавен како замена за Себастијан Фетел и од 2021 година ќе се натпреварува за тимот на Ферари.
– Карлос работи одлично и не зборувам само за минатата година. Целиот тим на Мекларен имаше многу силна сезона минатата година и Карлос беше таму во вистинското време, на вистинското место. Сепак, тој одлично работеше од почетокот на неговата кариера во Формула 1, кога возеше за Торо Росо. Во почетокот имаше пилот како Макс Верстапен како колега и воопшто не е лесно, а потоа возеше со Нико Хулкенберг во Рено. Тој секогаш имаше сериозна конкуренција, но никогаш не се откажуваше. Неговиот трансфер во Ферари во 2021 година е заслужен и е одлична вест за Шпанија како целина. Карлос има голема иднина и во „Скудерија“ ќе има можност да го покаже својот вистински потенцијал, изјави Шпанецот.