Скопје, 13 мај 2020 (МИА) – Во согласност со планот за капитални вложувања за 2019 и за 2020 година, Алкалоид АД Скопје реализираше инвестициска активност за приспособување и за воведување природен гас на локалитетот Ѓорче Петров. Инвестициската активност е со вредност од милион евра и опфаќа изведба на нов подземен гасовод на локалитетот, пуштање во употреба на два нови парни котли и санација на постојните инсталации, соопштија од компанијата.
Водејќи се од светските трендови за зголемување на енергетската ефикасност и за намалување на емисијата на стакленички гасови, како што се посочува, стручните технички служби во компанијата – Инвестиции, Одржување и Енергетски менаџмент – изготвија план и решение за воведување на природниот гас на локалитетот. Извршена e набавка и пуштање во употреба на два нови парни котли и горилници со ниско количество на NOx-гасови од светски реномираните производители Viessmann и Saacke, изработени во согласност со последните технолошки и инженерски достигнувања. Новоинсталираната опрема се карактеризира со исклучително висока енергетска ефикасност и искористеност на природниот гас, а направена е и модернизација на котларата, која опфаќа автономно работење од 72 часа без присуство на персонал.
Со воведувањето на природниот гас во индустриските и енергетски капацитети на локалитетот Ѓорче Петров, се создаваат услови за негово максимално искористување, за поголема економичност во вкупната потрошувачка на енергенси во компанијата и за намалување на трошоците за одржување на постојната опрема. Како општествено одговорна компанија, која се грижи за животната средина и за здравјето на граѓаните, Алкалоид придонесува за намалување на загадувањето и за исполнување на строгите еколошки стандарди во целост, стои во соопштението од компанијата. рп/са/