Директорот на Агенцијата за здравје и безбедност на храна (АГЕС), Франц Алербергер, оцени дека 30 проценти од населението во Австрија биле заразени со коронавирус.
Постојат различни процени за заразеноста на граѓаните, пред се за прашањето колку Австријци имале асимптоматска инфекција. Тековните податоци за тоа колку Австријци контактирале со коронавирусот се движат од седум до 30 проценти.
Алербергер го заснова своето тврдење дека стапката на инфекција достигна 30 проценти врз основа на податоците од студијата спроведена во Ишгл, каде што беше главното жариште пред една година.
Алербергер истакнува дека според податоците од студијата може да се заклучи дека досега биле заразени нешто повеќе од три милиони Австријци.
За споредба, досега, според податоците на АГЕС, околу 450.000 луѓе биле позитивно тестирани на коронавирусот.
Научник од Техничкиот универзитет во Виена кој се занимава со симулации, Ники Попер, на крајот на минатата недела ги презентираше податоците дека околу 15 проценти од Австријците биле заразени, што е помеѓу 1,3 и 1,5 милион луѓе.
Овие податоци се многу важни за австриските власти во постигнувањето колективен имунитет.
Според експертите, потребно е најмалку 50 до 60 проценти од населението да има имунитет за да се постигне целта која би овозможила нормален живот.
Вакцинацијата во Австрија се спроведува многу бавно, побавно од планираното, поради проблеми во испораките на фармацевтските компании.