Хронично болните, до 23-ти септември треба да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа. Од Министерството за здравство информираат дека за таа цел пуштени се дополнителни термини во Мој Термин и е-амбуланта, а доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, рокот ќе биде пролонгиран.
„Со ова ќе се овозможи секој пациент, кој навистина треба да биде ослободен од работа, да посети специјалист и да ја добие соодветната потврда“, велат од Министерството.
Како што беше наведено минатата недела по средбата, станува збор за широка категорија и за да се избегне злоупотреба на системот, лекарот специјалист врз основа на својата експертиза и состојбата на пациентот ќе процени дали тој може да се врати или ќе добие потврда дека е ослободен од работа.
За потребите на системот, направена е измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување и значително се олесни процедурата со која се овозможува лекарот специјалист да даде потврда за отсуство од работа во времетраење од 6 месеци.
„Со препораката на Комисијата за заразни болести и одлуката на Владата и натаму ќе бидат заштитени најрзичните категории. Според одлуката, оние кои навистина треба да бидат дома, остануваат дома и целосно ќе се избегне злоупотреба на системот. Согласно истата одлука, ослободени од работа ќе бидат и бремени жени до крајот на годината, односно до 31 декември“, додаваат од Министерството.