Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – АД ЕСМ демантира дека е донесена одлука за продажба на хотелите на Попова Шапка кои се во нивна сопственост и бара извинување од ВМРО-ДПМНЕ и од лицето Ивица Томовски за искажаните ставови на денешната прес-конференција, а во спротивно најавува правни мерки за заштита на угледот и спречување на нанесувањето штета на нивното деловно работење.
-Бараме демантирање на веста и извинување од страна на партијата ВМРО-ДПМНЕ, и демантирање на веста и извинување од лицето Ивица Томовски кон јавноста, а особено кон фирмата во којашто е вработен и од каде што му се исплатува личен доход. Исто така, сметаме дека е потребно да упати извинување и кон вработените кај кои со лажните информации кои ги изнесува шири страв и неизвесност, велат од АД ЕСМ.
Во спротивно, додаваат, АД ЕСМ ќе преземе правни мерки за заштита на својот углед и спречување на нанесувањето понатамошна штета на деловното работење на компанијата од страна на споменатиот вработен.
-Вработениот во Елемтурс, фирма-ќерка на АД ЕСМ, Ивица Томовски, во изјава дадена денеска во име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, изнесе лажна информација дека ЕСМ и Владата донеле одлука за продажба на хотелите на Попова Шапка кои се сопственост на ЕСМ. Лицето објави одлука од Владата од декември 2019 година и наместо точно да ја пренесе, тоа на јавноста и даде целосно невистинита информација, потенцираат од АД ЕСМ.
Од одлуката, прецизираат, јасно се гледа дека Владата како сопственик на ЕСМ го задолжува претпријатието во следниот период да достави Информација со предлог за одлука за едно од решенијата за Попова Шапка понудени во длабинската анализа и физибилити студијата изготвени од Прајс Ватерхаус Куперс, кое што се однесува на продажба на капацитетите.
-Информацијата за која е задолжен ЕСМ од Владата допрва ќе се подготвува и во следниот период ќе следува нејзино испраќање до Владата и влегување во владина процедура на разгледување, па дури потоа и одлучување. Од тие причини демантираме дека е донесена одлука за продажба, потенцираат од АД ЕСМ. вј/лв/