Утрински Весник
Свет

Австрија излегува од карантин, но за невакцинираните истиот останува на сила

Австрија излегува од карантин, но за невакцинираните истиот останува на сила

Невакцинираните ќе останат во заклучување кога ќе заврши општото затворање во Австрија во недела, потврди денеска новиот канцелар Карл Нехамер, ден откако ја презеде функцијата.

Австрија воведе општо двонеделно затворање за да го спречи силното ширење на коронавирусот, па рестораните, баровите, театрите, музеите и продавниците кои не продаваат основни потреби се затворени. Хотелите се затворени за туристи.

Нехамер на прес-конференција рече дека прашањето не е дали двонеделното заклучување ќе заврши во недела, туку на кој начин ќе заврши, а разговорите за тоа се закажани за во среда.

Една недела пред општото затворање, луѓето кои не биле целосно вакцинирани против коронавирусот морале да бидат заклучени и да не им се дозволи пристап до речиси истите места кои сега се затворени и можеле да ја напуштат куќата само од неколку причини, како одење на работа.

„Заклучувањето за невакцинираните останува на сила“, рече Нехамер.

Но, деталите допрва треба да се утврдат во среда на состанокот на владата и влијателните гувернери на девет австриски покраини.

„За сите невакцинирани погодени од фактот дека се во карантин, постои јасна понуда: можете да излезете ако ја искористите можноста да се вакцинирате“, рече Нехамер, додавајќи дека целта е да се охрабрат што е можно повеќе луѓе да ја примат првата доза од вакцината.

Запрашан дали рестораните и хотелите ќе се отворат за викендот, Нехамер рече дека тоа е веќе договорено со гувернерите на провинциите и дека ќе се обиде да ги отвори бизнисите колку што е можно побрзо.

Сега се поставува прашањето какви безбедносни мерки и ограничувања треба да се донесат, додаде тој.

Можете да прочитате

Oграничена употребата на мобилни телефони во училиштата во Финска

Украински напади со беспилотни летала на југот на Русија, најмалку три лица загинаа

Лавров: Разговорот за украинското прашање меѓу Русија и САД дава резултати