Утрински Весник
Свет

Австрија дополнително го заострува режимот за влез во земјата

Австрија дополнително го заострува режимот за влез во земјата

Австрија ќе го заостри режимот за влез во земјата, со намалување на исклучоците, како и со укинување на можноста за скратување на карантин со негативен тест, најави министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер.

На прес-конференцијата, Нехамер потсети дека на 19 декември е воведен построг режим за влез во земјата, како дел од епидемиолошките мерки, кој сега ќе биде дополнително заострен.

„Од 19 декември досега се извршени над три милиони контроли на патници на границите, а околу 200.000 луѓе се испратени во карантин“, додаде Нехамер.

Тој најави дека остануваат и понатаму граничните контроли кон нивните соседи, Чешка, Словачка, Унгарија и Словенија.

Нехамер исто така изјави дека се намалува и бројот на исклучоци од задолжителен карантин и онлајн регистрација пред пристигнување во Австрија.

Така, прекуграничните работници ќе мора да се регистрираат во иднина и ќе мора да прават ПЦР или антиген тестирање еднаш неделно, чиј резултат мора да биде негативен.

Што се однесува до другите кои влегуваат во Австрија, новата регулатива, како што најави, ќе ја укине можноста за „ослободување“ од карантин по петдневна изолација со негативен тест.

Имено, сега сите лица ќе треба да одат во десетдневен карантин, по што ќе треба да се тестираат и ќе можат да излезат од изолација доколку имаат негативен тест.

Нехамер рече дека владата одлучила за внимателни чекори на отворање, и дека во исто време вирусот не ја изгубил опасноста, што ќе доведе до построги контроли за почитување на епидемиолошките мерки.

Во таа насока, како што објави, донесена е одлука за зголемување на казните.

Досега, неносењето заштитна маска чинеше 25 евра, а непочитувањето на растојанието од два метра – 50 евра.

Со новата одлука на владата казните за кршење на тие епидемиолошки мерки ќе изнесува 90 евра.

Нехамер најави и зголемена контрола во ски-центрите, за да не се повторат сликите со голема гужва.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење