Специјалните авиони за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување вежбаа над Охридско Езеро. Се тренираа различни начини на фрлање на вода и ниско летање над водени површини нешто што е многу тешко во авијацијата, а беа испробувани и други техники над езерото.
Станува збор за реализација на дел од планот и програмата за подготовки на Дирекцијата за заштита и спасување, информира директoрoт на дирекцијата Аднан Џафероски. Тој објаснува дека ова е една од најсложените операции во аеролетањето на овие специјални воздухоплови.
– Тоа е воспоставена пракса, секоја година пред сезоната на пожари ги проверуваме способностите на воздухопловите и нашите пилоти за да бидеме спремни. Кондицијата на воздухопловите и пилотите се максимални и сме спремни да делуваме каде што треба – вели Џафероски.
Овие летала со кои нашата држава располага се скап и вреден ресурс. Пожарите се гасат само од земја, а воздухопловите само помагаат да се намали интензитетот на пожарите при гасење од земја и да се спречи ширењето на пожарот.
– Никогаш не е штета да се има повеќе ресурси, но ако совесно се работи и се користат како што треба воздухопловите и се одржуваат, има ефект, иако се само три. Досега покажавме дека овие ресурси ги користиме добро – вели Џафероски.
Тој посочува дека е најдобро да не ги употребуваме воопшто, бидејќи луѓето треба да имаат свест кон заштитата на шумите и природата. Минатата година, имало многу пожари и воздухопловните летала биле ангажирани со преку 400 летови, а биле предизвикани големи материјални штети врз шумските површини.
Извор на фотографии: Дирекција за заштита и спасување