Утрински Весник
Спорт

Абрамович „тајно“ купувал фудбалери кои не биле на Челси

Абрамович „тајно“ купувал фудбалери кои не биле на Челси

Газдата на Челси, Роман Абрамович, правел тајни инвестиции во фудбалери кои не биле сопственост на неговиот клуб, покажува последната истрага на американската Мрежа за финансиска контрола (ФинЦЕН).

Абрамович имал компанија регистрирана на Британските Девствени Острови со назив „Леистон холдингс“, која купувала уддели во фудбалери преку сопственост на трето лице – процедура во која инвеститори купуваат „акции“ во идниот трансфер на потенцијално квалитетни фудбалери од финансиски слаби клубови. Оваа практика беше забранета од Премиер лигата во 2008 година, но ФИФА ја забрани дури во 2015 година.

Ова се открива од новите „протечени“ документи од ФинЦЕН, каде што се покажува дека Перуанецот Андре Карилјо, кој играше против Челси во меч од ЛШ во 2014 за Спортинг Лисабон, бил фудбалер во сопственост на Абрамович.

Според документите во декември 2016 било забележана сомнителна активност околу сметките на Абрамович преку исплата преку офшор компании од околу милијарда долари. Парите „кружеле“ околу неколку компании, а девет пати било исплатено на компанија од Кипар, средства кои подоцна биле расцепкани на четири компании и од кои 156 милиони долари влегле во „Леистон холдингс“. „Леистон“ исто така биле вклучени во уште двајца фудбалери на Спортинг – Гаел Еток (кој играше од 2012 до 2013) и Валентим Виола (од 2012 до 2016).

Портпаролот на Абрамович не ги демантира информации, но посочува дека немало криминални активности бидејќи во тој период таква сопственост била дозволена.

„Фактот што трансакциите биле доверливи, не значи дека биле незаконски или дека прекршувале некакви закони. Тоа се случувало пред ФИФА да ги промени своите правила“, вели портпаролот на Абрамович.

Роман Абрамович има богаство од 12.9 милијарди долари (според магазинот „Форбс“), пари кои ги заработи во трговија со нафта и гас, откако претходно бил сопственик на компанија за производство на кукли. Тој беше гувернер на областа Чукотка во Русија, пред во 2003 година да го купи Челси. Во 2018 година, Велика Британија не му ја продолжи „инвеститорската“ виза и оттогаш тој живее во Израел.

Ова лето, во период на економска криза на фудбалските клубови поради корона вирусот, Челси потроши над 200 милиони фунти на засилувања.

> Абрамович „тајно“ купувал фудбалери кои не биле на Челси <

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Македонските фудбалерки до 19 години ќе играат квалификациски турнир во Португалија

Верстапен: Во Мекларен ќе станев шампион многу порано

Младост 96 есенски шампион во пингпонгарската Суперлига