Утрински Весник
Македонија

Шекеринска на состаноци на Северноатлантскиот совет на НАТО во Брисел

Шекеринска на состаноци на Северноатлантскиот совет на НАТО во Брисел

Брисел, 13 февруари 2020 (МИА) – Во седиштето на НАТО во Брисел, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и денеска ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет, заедно со министрите за одбрана на земјите – членки на Алијансата.

Во Брисел, Шекеринска освен на состаноците на Северноатлантскиот совет, ќе учествува и на состанокот посветен на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, а ќе има и повеќе средби и состаноци со министри за одбрана на земјите – членки на НАТО.

Северна Македонија по добивањето на поканата за членство на почетокот на минатата година, во континуитет активно учествува на сите состаноци на Северноатлантскиот совет на Алијансата.

Парламентот на Северна Македонија го изгласа Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, а по завршувањето на последниот процес за ратификација во шпанскиот парламент, нашата држава ќе има и право на глас за сите одлуки кои се носат во НАТО, а се однесуваат на мирот, безбедноста и стабилноста во глобални рамки.

Министерката Шекеринска, вчера од Брисел изрази уверување дека ова е последен пат за Северна Македонија да учествува како поканета земја.

-За последен пат учествувам како поканета членка, а не како полноправна членка, денес е денот кога во Република Северна Македонија се објави официјално Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор и ја добивме веста дека шпанскиот Парламент ја прифати брзата трака за ратификација на нашиот протокол, нашето полноправно членство е прашање на денови, а не месеци или недели, рече вчера Шекеринска.

Таа порача дека на средбата „ќе покажеме дека не сме веќе тема на масата туку членка на масата.“

Северна Македонија, потенцира таа, ќе учествува во дискусиите за иднината на присуството на НАТО во Ирак и Авганистан и е подготвена да го зголеми своето присуство во регионот.

-Уште во 2018 најавивме дека сме подготвени да го зголемиме учеството во Авганистан и бевме во преговори за техничките единици, а разговаравме за испраќање офицери во Ирак како дел од тренинг мисијата. Клучно е да се види кои се плановите на НАТО, а ние како земја што придонела многу ја оставаме можноста да го зголемиме учеството во овој важен регион, рече Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.

Шекеринска во Брисел ќе се сретне со неколку колеги – министри за одбрана на земји – членки на НАТО, а со британскиот министер Бен Волис ќе потпише нов Договор за соработка во одбраната.

– Со овој нов договор за одбранбена соработка со Обединетото Кралство, буквално ги редефинираме нашите односи, бидејќи веќе сме третирани како членка на Алијансата и нашата одбранбена соработка ќе биде одбранбена соработка на две земји сојузнички, истакна министерката. цр/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Пронајден починат маж во својот дом во Скопје

МВР со предупредување: Чувајте се од измами поврзани со „Конти“

Мицкоски контра Платформата за борба против корупција: До вчера ми велеа дека слабо оди менувањето кадри во институциите, а сега тврдат дека сме партизирале