Министерката за образование и наука Мила Царовска и другите претставници на делегацијата како дел од официјалната посета на Турција денес посетија неколку средни стручни училишта во Истанбул, како и природно математичката гимназија, која е едно од најдобрите училишта во државата.
При посетата договорена е соработка во делот на јакнење на средното стручно образование преку обука на наставен кадар, размена на искуства и практики и поддршка во развој на нови профили.
„Нашите две држави имаат позитивно искуство на соработка помеѓу училиштата и заеднички проекти и таа соработка ќе се продлабочува”, рече Царовска на средбата.
Министерката Царовска и другите претставници денес имаа средба со истанбулскиот директорат за образование под чија надлежност се 3 милиони ученици и 200 илјади наставници. На состанокот беа разменети искуства од сферата на образовните политики и разгледани можностите за зајакнување на соработката во делот на основното и средното образование помеѓу двете земји.
Како дел од официјалната посета на Турција, Царовска имаше министерски состанок во Анкара, средба со Претседателот на турското Собрание, состанок во централата на ТИКА, како и посета на Универзитетот Тракија во Едрене и средби со претставници на повеќе директорати за образование.
Во македонската делегација се и заменик министерот Арафат Шабани и државниот советник за образовни политики Ѓонул Бајрактар.