Утрински Весник
Свет

Претседателот на Гана прв во светот прими вакцина од програмата Ковакс

Претседателот на Гана прв во светот прими вакцина од програмата Ковакс

Претседателот на Гана, Нана Акуфо-Адо е првата личност во светот што ја прими вакцината против Ковид-19 од програмата Ковакс, светска иницијатива за помош на сиромашните земји во снабдувањето со вакцина.

Ковакс заеднички го покренаа Светската здравствена организација (СЗО) и Алијансата за вакцини (ГАВИ), со цел неразвиените земји и земјите во транзиција да можат да добијат вакцини. Тие немаат доволно можности да потпишат купопродажни договори со производителите на вакцини, па затоа се наоѓаат во многу понеповолна позиција.

Акуфо-Адо, 76-годишен претседател на гореспоменатата западноафриканска држава, во која минатата среда пристигна првата пратка вакцини од програмата Ковакс, ја прими првата доза на вакцината на „Астразенека“.

„Многу е важно да дадам пример и да покажам дека оваа вакцина е безбедна, така што секој во Гана може да одлучи да се вакцинира без страв“, рече шефот на државата.

Ковакс склучи договори со производители за две милијарди дози во 2021 година и можност за набавка на уште милијарда дози вакцина против Ковид-19, а механизмот за финансиска помош од програмата е достапен за 92 земји со ниски и средни приходи.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

НАТО распореди германски борбени авиони поради руско присуство во Балтичкото Море

Руските сили напредуваат во нов украински регион

Велика Британија прима студенти од Појасот Газа за да го завршат своето образование