Утрински Весник
Македонија

Предлог законот за ЈО помина на Комисијата за европски прашања (ДПЛ)

Предлог законот за ЈО помина на Комисијата за европски прашања (ДПЛ)

Скопје, 12 февруари 2020 (МИА) – Предлог законот за јавно обвинителство денеска помина во матичната собраниска Комисија за европски прашања. Членовите на Комисијата ги разгледаа Предлог законот за Јавно обвинителство и  Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, по скратена постапка, и одлучија да ги проследат во натамошна постапка, односно тие да одат на пленарна седница.

На текстот на законот за ЈО имаше само еден амандман поднесен од пратеникот Сурија Рашиди, кој министерката за правда Рената Дескоска не го прифати и не беше усвоен од мнозинството во Комисијата.

Министерката Дескоска образложувајќи го Предлог законот за Советот за јавни обвинители, рече дека никој не треба да има дилема дека членот 110 се однесува на материјалите од прислушуваните разговори кои се преземени од Специјалното јавно обвинителство.

-Целиот член буквално зборува за предмети кои се почнати до 30 јуни 2017 и предмети кои се по 30 јуни и тука прави разлика во употребата на доказите и потоа зборува натаму за материјалите како ќе се постапува со нив, рече Дескоска

Единствената заложба, како што посочи, која се правеше во текот на пишување на законот за ЈО, а особено во текот на преговорите со пратеничките групи во Собранието за обезбедување консензус беше законот да не содржи амнестија за никого.

-Ова не закон за амнестија, ова е закон за созадавање ефикасни механизми за борење против криминалот и корупцијата. Неселективно, без оглед од кого потекнува. Жал ми е што вие не се приклучивте во таа борба, рече Дескоска.

Додаде дека цело време биле соочени со опструкција од ВМРО-ДПМНЕ во процесот на носење на законот.

– И сега кога сме пред финалето на носење на овој закон, соочени со текстот кој обезбедува продолжување на сите постапки, гледаме дека паниката во вашите редови е многу поголема. Од тие причини очекувам сите пратеници да го поддржат законот кој е предложен, законот за ЈО, а во пакет со него и законот за измени и дополнување на законот за Совет на јавни обвинители, со оглед на тоа што овој закон претставува продолжување на она што е зацратно во законот за ЈО. Она што го имаме регулирано во двотретинскиот закон, во овој закон кој не се носи со двотретинско мнозинство се прецизираат постапките, рече Дескоска.

Министерката за правда информира дека се заоструваат критериумите за тоа кој може да биде член на Советот на јавни обвинители, се утврдува процедурата за избор на членовите на Советот на јавни обвинители од самите јавни обвинители, но и од Собранието.

-Тука се дадени посебни процедури со цел да се оневозможат било какви злоупотреби во процесот на гласање. Ова се одредби кои ги правевме пандан на одредбите во законот за Судскиот совет, така што тие два закона во тој дел се комплементарни, рече Дескоска.

Дадени се критериуми за изземање член на Советот на јавни обвинители бидејќи, како што рече Дескоска, имаше различни дилеми. Се дефинира терминот истакнат правник, односно се бара лицето кое ќе се кандидира за член на Советот од Собранието да биде дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија, со положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа и со своето јавно делување. Се прецизира постапката за разрешување од функцијата член на Совет што досега, како што рече, не беше регулирано и имало еден вид правна празнина. Дадени се прецизни основи и прецизна постапка со цел да не се одолговлекува постапката и да се избегне процесот на разрешување.

-Значењето овој закон ќе го добие со она што значи комплементарност на законот за ЈО и ве повикувам да го поддржите, рече Дескоска.

Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби појасни дека пратеникот Панчо Минов немал уредно доставено амандман до Архивата.

-Најави дека ќе поднесе амандман до Комисијата, но додека расправата беше отворена по законот за јавно обвинителство, тој не се јави за збор да го образложи и да поднесе амандман, така што јас бев приморан да ја заклучам веќе расправата и да го проследам законот на понатамошна постапка. Не успеа во времето додека тој требаше да се јави за збор и да поднесе амандман и да го направи тоа затоа немаше апсолутно никаква друга форма да се расправа по амандман кој не е архивиран во службите, рече Груби. мд/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: СДС се виновни што Груби неказнето крадеше, сите знаеја дека краде, а никој не смееше да го санкционира

(Видео) Нова епизода на подкаст Зрак со д-р Марина утре во 21.00 часот

За првпат после долго време – Воздухот во Скопје е чист