Утрински Весник
Македонија

Потпишан Меморандум за соработка меѓу општина Прилеп и Друштвото за наука и уметност

Потпишан Меморандум за соработка меѓу општина Прилеп и Друштвото за наука и уметност

Прилеп, 13 јуни 2019 (/) – Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и претседателот на Друштвото за наука и уметност, Силвана Пашовска денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Според градоначалникот Јованоски, со Меморандумот се подигнува нивото на досегашната соработка меѓу овие институции.

-Соработката траеше и досега, а со потпишаниот Меморандум ќе го подигнеме нивото во повеќе области, затоа што таму членуваат луѓе од уметноста, науката, економијата кои ќе придонесат за развој на нашиот град. Сигурен сум дека задоволството е обострано, дека ДНУ ќе продолжи успешно да функционира и дека сите проекти кои ги имаме планирано како општина, заедно со проектите кои ги предлага ДНУ, во иднина ќе се реализираат, рече Јованоски.

Пашовска посочи дека постојат различни форми на изразување на научната мисла и за истражување, како што се трибините, дебатите, тркалезните маси, како и објавувањето голем број изданија, а Друштвото е и промотор на голем број книги.

-Имаме богата библиотека со над 3 000 изданија и богата геолошка збирка на руди, кои ги има на територијата на општина Прилеп. ДНУ издава и Зборник на трудови, место каде младите магистри и доктори на науки можат да ги издаваат своите научни и стручни трудови. На наше големо задоволство, денеска е официјализирана соработката со општината. Соработката постоеше и во минатото, продолжуваме и понатаму. Се надеваме и посакуваме во интерес на сите, соработката да продолжи и понатаму, рече Пашовска.

Друштвото за наука и уметност од Прилеп е основано во 1971 година е едно од двете друштва кои функционираат во државава. Брои преку 200 членови и тоа е место каде се здружуваат научните работници, каде се даваат предлози, идеи, мислења и советувања. Друштвото за наука и уметност од Прилеп со децении дава придонес во развојот на стопанството, економијата, науката и културата. ем/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Променливо облачно време со температура до 13 степени

Инфлуенсерката Маја Миа од Охрид пронајдена мртва во Африка

Мртво тело најдено покрај Лепенец во Орман