Утрински Весник
Македонија

Македонија обезбеди привремен престој на четворица авганистански новинари, добивале закани од Талибанците

Македонија  обезбеди привремен престој на четворица авганистански новинари, добивале закани од Талибанците

Изутрината на Меѓународниот аеродром Скопје, пристигна група од четворица новинари од Авганистан кои се во опасност од новите тамошни власти.

Станува збор за ТВ и радио новинари кои работеле за локални медиуми и дописници за странски медиумски куќи, а по падот на демократската влада, добивале закани по живот од Талибанците.

Северна Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава по барање на Меѓународната организација на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Со прифаќање на овие авганистански граѓани, земјава ја продолжува активната улога во големата хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан, соопштија владините служби.

Информираат дека по слетувањето била спроведена стандардната процедура – безбедносна проверка, заштита и ПЦР тест.

Тие, како што објаснуваат од Владата, ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од организацијата Новинари за човекови права.

Во земјава во моментов престојуваат 534 граѓани на Авганистан за кои институциите им ја обезбедуваат и пружаат потребната поддршка и помош.

Од Северна Македонија до сега заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.

Можете да прочитате

Расчистени одроните од карпи и паднатото дрво на автопатот Скопје-Велес

Трибините – огледало на политиката

ВМРО-ДПМНЕ за Таравари: Кога ДУИ те фали, знаеш дека нешто крупно е згрешено