Премиерот Зоран Заев се обрати на пригодниот настан по повод 73 години од основањето на Сојузот на борците, како дел од серијата свечености со кои годинава се одбележува јубилејот – 80 години од Народното востание.
Заев пред присутните, меѓу кои и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, претседателот на Главниот одбор на сојузот, Никола Стојаноски и потпретседателот Борко Зафировски, бројни членови и поддржувачи во Домот на Армијата изрази длабока благодарност за подвигот на борците и непроценливото дело кое го оставиле, а тоа е, како што рече, македонската државност, како вековен стремеж за многу генерации.
„Благодарение на храбрите борци на НОБ водени од начелата за правда, солидарност и еднаквост, денес сите ние Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност да се обединиме во создавањето на едно праведно општество. Едно и еднакво општество за сите во кое ќе владеат принципите на правда, одговорност и еднаквост“, истакна Заев и додаде дека во темелот на македонската државност се вградени заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации на борци, кои не се штедеа себеси, ниту својата младост и своите животи.
Премиерот нагласи дека овие борци без разлика на пол, вера, убедување и народност, но водени од желба за подобар живот одважно и недвосмислено застанале на вистинската страна на историјата, во тие бурни и преломни времиња.
„Благодарение на овој подвиг денес ја имаме Република Северна Македонија, меѓународно призната држава со сите постулати на државност, членка на Обединетите нации со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет“, посочи Заев.
Тој кажа дека секоја генерација е должна да го понесе својот дел од товарот во борбата за праведно општество и дека борбата на сегашните генерации е да обезбеди развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава, во која младите ќе имаат просперитетна иднина.
„Горди сме на нашето учество во големата светска антифашистичка коалиција. Денес Северна Македонија е дел од моќното НАТО семејство, споделувајќи ги демократските вредности. Нашата држава стана фактор за стабилност во регионот и извозник на безбедност. Оваа генерација направи непоколеблив избор и силно ја потврди определбата за напредок и благосостојба во европското семејство, во Европската Унија меѓу напредните нации. Водени од светлиот пример кои ни го оставивте, борките и борците, ја продолжуваме грижа, заштита и унапредување за нашиот мајчин јазик и нашиот македонски идентитет“, нагласи премиерот.
Заев истакна дека Владата останува и понатаму посветената на поддршката на Сојузот на борците во негувањето на традициите и на светлите датуми од Народноослободителната борба.
На премиерот во оваа прилика му беше доделена Благодарница за особен придонес во афирмацијата на Сојузот на борците и придонесот во заедничкиот пат кон современа и просперитетна држава.