Утрински Весник
Економија

ЕСМ: 100% ќе ги покриеме потребите за струја за сите корисници на Универзалниот снабдувач

ЕСМ вети дека 100 процентно ќе ги покрие потребите на универзалниот снабдувач со струја за граѓаните и малите потрошувачи за претстојната грејна сезона.

Од компанијата велат дека до утре ќе поднесат понуда на јавна набавка на ЕВН Хоум.

„ АД ЕСМ достави до Влада пресметки и предлози во однос на цената и количините, по што Владата на затворена седница носи одлука со препорачана цена и количина, која се доставува до ЕСМ. Согласно одлуката, ЕСМ во затворена понуда ќе аплицира на повикот на ЕВН Хоме“ се наведува во соопштението од компанијата.

Врз основа на направените анализи и пресметки, АД ЕСМ утврдила дека е во состојба да ги обезбеди вкупните количини на електрична енергија кои му се потребни на ЕВН Хоме, односно 100% да ги покрие потребите на Универзалниот снабдувач за граѓаните и малите потрошувачи (законот за оваа година го обврзува ЕСМ за 60%), како и целосно покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродистрибуција и целосно покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО.

За таа цел, ЕСМ додава дека го зголемила планот за производство на електрична енергија за 2022 година за 20% од производството во 2021 година.

„ Конзумот на ЕВН Хоме е зголемен за 27% , поради префрлањето на потрошувачи од слободниот на регулираниот пазар (деловни субјекти, општини, јавно осветлување). Дополнителните потреби на ЕВН Хоме и на ЕВН Електродистрибуција ќе ги задоволиме со дополнителна набавка на јаглен за зголемување на производството од термоелектраните Битола и Осломеј, како и обезбедување доволни количини мазут за работа на ТЕЦ Неготино“ појаснуваат од компанијата.

Можете да прочитате

Гувернерот Славески на Годишното генерално собрание на БИС

Раст од 9,4 отсто на индустриското производство во мај годинава

Левица: Најпрофитните компании исплаќаат срамно ниски плати или немаат ниту еден вработен