Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска застана во одбрана на министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, кој е обвинет за корупција од страна на мафијата, изјавувајќи дека ваквите тврдења се напад врз Турција.
Серија видеа на осудениот водач на криминална банда, Седат Пекер привлекоа десетина милиони луѓе кои ги погледнaа материјалите поставени на платформата „Јутјуб“.
Во снимките тој дава неаргументирани тврдења во врска со случаи на сомнителна смрт, силувања и трговија со дрога и посочува на врски помеѓу тие случаи и службеници блиски до Ердоган, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу ги негираше обвинувањата на Пекер изнесени против него.
Во своето прво обраќање за случајот, Ердоган рече дека ваквите тврдења, од кои некои се однесуваат на настани од пред неколку децении, се дел од низата напади врз државата.
„Ние стоиме покрај нашиот министер за внатрешни работи во неговата борба против криминалните банди, како и терористичките организации“, рече Ердоган во обраќањето пред пратениците.
Како што изјави тој, Турција ќе ги изведе криминалците пред лицето на правдата, каде и да се наоѓаат.
Коментарите на Ердоган доаѓаат откако најголемата опозициска Републиканска народна партија повика на предвремени избори и оставка на Сојлу во врска со видеото.
Сепак, Ердоган рече дека општите избори ќе се одржат според планираното, односно во 2023 година.