Британските медиуми објавија дека Британецот Скот Сибли е убиен во Украина, а исчезнал уште еден Британец, чие име „Скај њуз“ не го спомна.
Сибли имал 36 години, а медиумите пренесуваат дека се верува дека тој е еден од војниците доброволци кои им се приклучиле на украинските сили во борбата против руската армија.
Сепак, тоа не е потврдено, бидејќи многу Британци заминаа во Украина за да обезбедат хуманитарна помош.
Британската канцеларија за надворешни работи, Комонвелт и развој потврди дека британски државјанин е убиен во Украина, но не соопштија детали што направил таму.
Сибли беше ветеран на британските вооружени сили, а неговиот поранешен полк се прости од него преку официјалната веб-страница.
– Свесни сме дека британскиот државјанин исчезна во Украина и му даваме поддршка на неговото семејство. Бараме дополнителни информации – изјави портпаролот на ФКДО.
Немаше детали кога е убиен Сибли и кога исчезна другиот човек.