Утрински Весник
Македонија

Прилепскиот театар одбележува 70 години постоење

Прилепскиот театар одбележува 70 години постоење

Прилеп, 13 февруари 2020 (МИА) – Со премиера и со Недела на театарот, Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ќе одбележи 70 години во кои дал големи актерски имиња во македонската театарска уметност, освоил бројни награди во земјава, а во последната декада и многу признанија во странство.

Неговата работа почнала на 18 февруари 1950 година со премиера на претставата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ во режија на Аце Михајлоски.

-Градскиот народен одбор на Прилеп во есента 1948 година донел одлука со која се формира Градскиот народен театар во Прилеп. За неколку месеци, ентузијасти од Приелп со десетина кои работат, главно во театарската група на КУД „Мирче Ацев“ и со други ентузијасти кои уште од пред војната работеле во други друштва  („Коста Абрашевиќ“, „Трезвената ложа“ каде се театарски секции)  го  формираат приелпскиот театар. Во 70-те години постоење, театарот има околу 370 премиери, одиграни се околу 7 500 претстави а ги гледале над 1 600 000 посетители, рече Рубин Белчески, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во чиј склоп работи театарот.

Во чест на големиот јубилеј, од понеделник почнува Недела на театарот. В понеделник е премиерата на претставата „Лажговци“ од Антони Нелсон во режија на Коле Ангеловски. Во седумте дена, од 17 до 23 февруари, секојдневно ќе има театарски настани. Во вторник е музичко-сценски перформанс на прилепските актери со групата „The Hounds“. В среда е претставата „Семејни приказни“, в четврток „Ништо без Трифолио“, в петок е претставата „Пиреј“, в сабота е „Глембаеви“ а в недела е детската претстава „Приказна за ветрот и месечината“. Сите претстави се во приелпскиот театар со почеток од 19.30 часот, освен детската која е в недела напладне.

В понеделник одбележувањето почнува со премиерата на претставата „Лажговци“ во режија на Коле Ангеловски. Според режисерот кој досега има 36 премиери со прилепскиот ансамбл, низ годините се граделе големи театарски претстави иако условите се повеќе од скромни.

– Посебно задоволство е што работам долги години со прилепските актери. И покрај скромните услови за работа, кога прокиснувало, кога сме брзале низ тесните ходници, се создавала голема уметност наспроти онаа во големите, современи куќи со многу софистицирана опрема. Тоа што овде се работи не може да се доживее никаде на друго место. Сега подготвуваме претстава која верувам пак ќе го привлече вниманието на публиката, рече Ангеловски.

Повозрасните актери велат дека годините поминати на работа во театарот не се повторуваат и се незаменливи.

– Паметам дека мојата прва улога беше во култната претстава „Солунски патрдии“ пред 35 години. Имаше преку 100 изведби. Денес многу ми е мило што при крајот на кариерата имам улога во претставата „Лажговци“ на Коле Ангеловски, рече актерот Марјан Чакмакоски.

– Имав задоволство што почнав кога бев свидетел на првата генерација актери во театарот. Се градеше историјата на уметноста, рече актерката Цветанка Чавлеска.

Актерите од Прилепскиот театар нагласуваат дека на 18 февруари, на денот на одбележувањето на 70-годишнината, ќе се случи посебен настан во сценската и музичката уметност. Се подготвува перформансот насловен „Move the beat with actors and the Hound“ што би значело да се промене суштината. Според актерката Даниела Иваноска, тоа значи да се поместиме од „живуркањето“, да живееме и да го славиме животот.

Според Златко Карчески од групата „The Hounds“ во вторник ќе има актерско-музички спектакл од 80-ина минути во кој е вложена сета љубов и потенцијалот на талентираните.

Ансамблот на Прилепскиот театар е скептичен за најавите за нов театарски објект и  изразува незадоволство што 15-ина години нема правен статус, туку работи во склопот на Домот на културата „Марко Цепенков“.

-Не случајно нашите покани за одбележувањето на големиот јубилеј се потпишани со „Војдан Чернодрински“. Во 2004 го загубивме правниот статус, дел сме од Центарот за култура „Марко Цепенков“, не се согласуваме со таквиот третман од државата, но нагласуваме дека сме – театар „Војдан Чернодрински“, рече раководителот на театарот Стојан Дамчески.

За јубилејот ќе излезе и монографија, која ја подготвува театрологот Ана Стојаноска, и се очекува да биде промовирана во јуни на Македонскиот театарски фестивал „Војдан чернодрински“.

Во фоајето на театарот е отворена и изложба на фотографии од претстави кои биле најуспешни низ децениите и освоиле бројни награди дома и во странство. Приелпскиот театар е единствен во земјава кој во 10 години петпати ја добил наградата за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“. ем/хс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Изречена казна затвор од една година во првата осудителна пресуда во Македонија за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација 

Приведен арамија од Кочани кој признал седум кривични дела и вратил дел од украдените предмети

Приведен крадец во Кавадарци