Утрински Весник
Македонија

Општина Виница доби Стратегија за развој на туризмот

Општина Виница доби Стратегија за развој на туризмот

Виница, 6 јуни 2020 (МИА) – Општина Виница доби Стратегија за развој на туризмот за периодот 2020-2024 година, а за што инвестираше 300 илјади денари обезбедени преку Министерството за економија.

Писмениот документ е изработен во соработка со професори од штипскиот Факултет за туризам и бизнис логистика и членови на здружението „Туристика“ од Скопје и во него се назначени културно-историските, гастрономските, здравствените, спортско-рекреативните, образовните, ловно-риболовните и други капацитети на општината за унапредување на туристичките потенцијали.

Притоа е нагласено дека Општината мора да инвестира во квалитетни човечки и институционални капацитети, интензивно да работи на туристичката инфраструктура, а дури отпосле да креира квалитетна понуда со соодветна промоција на потенцијалите. За сите приоритети се наведени и конкретни мерки со активности и временски рокови на реализација.

– Во овој специфичен период донесовме финален производ на кој се работеше шест месеци, а направивме стратегија за период од пет години и веруваме дека она што го ставивме на хартија ќе се оствари. Се што е вклучено во Стратегијата се реални мерки и активности и се надевам дека со нивна имплементација Виница ќе стане добро туристичко место. Ние како работна група се фокусиравме на три приоритети, но најмногу на инфраструктурата, што е главен предуслов во развојот и промоцијата на туризмот, истакна професорот Оливер Филиповски од здружението „Туристика“.

Градоначалникот на Виница, Ивица Димитров оцени дека со изработката на Стратегијата, во чија изработка поддршка имаше и од локалниот бизнис и невладин сектор, се создаваат можности да се аплицира за добивање финансиски средства од домашни и странски извори.

– Што се однесува до инфраструктурата, што е најважен предуслов за развој на туризмот, ние како локална самоуправа веќе работиме на нејзино унапредување. Притоа би ги издвоил проектите за техничка документација за патот Трсино – Голак, како и проектот за патна инфраструктура Градец – Лисец. Независно кој ќе раководи со општината во иднина, треба да го следи овој документ и да работи на негова имплементација, да може да се развива туризмот, кој е многу важен сегмент во севкупниот развој на локалната заедница, истакна градоначалникот Димитров.

Освен во печатена, Стратегијата е издадена и во електронска форма со македонска и англиска верзија, а ќе биде достапна и преку веб-страницата на Општина Виница. та/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Приведено и трето лице за убиството на докоторот пред поликлиниката во Железара

Тројца полициски службеници за несовесно работење во службата заработија кривични пријави 

Кривична пријава заработи лице кое заградило државно замјиште кај Бит Пазар и си наплаќал „арач“