Утрински Весник
Македонија

НБРСМ: Сите мерки што ги презедовме за „Еуростандард“ банка беа за заштита на депонентите

НБРСМ: Сите мерки што ги презедовме за „Еуростандард“ банка беа за заштита на депонентите

Народната банка соопшти дека во врска со, како што наведува, невистините и клеветите изнесени од страна на сопствениците на „Еуростандард банка“ АД Скопје, во рамки на нивните настапи по донесување на Решението за укинување на дозволата за основање и работење на Банката, ќе ги употреби расположливите правни средства за заштита на нејзиниот интегритет.

Оттаму велат дека сите мерки коишто ги презеле биле во насока да не се дозволи „Еуростандард банка“ АД Скопје одново да презема ризици, а без соодветен капитал за нивно покривање, коишто би биле на штета на депонентите и доверителите.

Додаваат дека со одлуката за ограничување на кредитирањето, заштитени се депозитите на депонентите.

„ Ако не се стореше тоа, Банката, депозитите на граѓаните и компаниите ќе можеше да ги пласира во кредити, а без да има доволен капитал. Народната банка мораше и на овој начин да ги заштити граѓаните и компаниите – депоненти на „Еуростандард банка“ АД Скопје и го стори тоа.

Од НБРСМ додаваат дека сопствениците имаат законска обврска да обезбедат капитал за покривање на загубите на банката.

„ Со вложениот капитал од сопствениците во 2019 година, Банката ги достигна минималните законски барања кои од денешна перспектива значат обезбедени дополнителни 11 милиони евра капитал во билансот на Банката. Сопствениците не го обезбедија потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту изнесоа издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор којшто би извршил докапитализација на Банката во обем и со динамика кои би овозможиле нејзина одржливост, со оглед на состојбата во која Банката се наоѓаше.

Стручните служби и раководството на Народната банка, свесни за сериозноста на состојбата во Банката, но и за поширокиот контекст на пандемијата на ковид-19, вложија максимални напори, во законски рамки, да се изнајде поповолно решение. Во интензивната комуникацијата со сопствениците, Народната банка постојано јасно укажуваше на сериозноста на состојбата во којашто се наоѓаше Банката и инсистираше на итна докапитализација, потенцирајќи дека ако не се случи докапитализација, Народната банка ќе нема друг избор освен преземање на најстрогата мерка – укинување на дозволата за основање и работење на Банката.

Народната банка е независна институција и при вршење на своите законски утврдени цели и задачи која во своето работење се води исклучиво од законите кои подеднакво важат за сите.

Граѓаните треба да бидат спокојни – банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен. Стабилни и сигурни се сите други банки, како и штедилниците“ се наведува во реакцијата на НБРСМ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Изречена казна затвор од една година во првата осудителна пресуда во Македонија за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација 

Приведен арамија од Кочани кој признал седум кривични дела и вратил дел од украдените предмети

Приведен крадец во Кавадарци