Утрински Весник
Македонија

Кривични пријави за 22 угостители во туристичките места

Кривични пријави за 22 угостители во туристичките места

Охрид, 7 јуни 2020 (МИА) – Инспекторите на Пазарниот инспекторат викендов поднеле 22 кривични пријави за непочитување на владините мерки од страна на категоризираните сместувачки и угостителски објекти.

Осум кривични пријави се поденсени во Охрид, четири во Струга, пет во Битола, три во Дојран и по една кривична пријава на Пониква и во Маврово.

– Станува збор за кривични пријави поднесени поради прекршувања на забраната за сместување лица во категоризирани објекти, а само една пријава е за пречекорување на работно време и две кривични за прекршување на Протоколот 8 (повеќе гости на терасите, непочитување растојание или гостите се во внатрешниот дел од објектите), изјави денеска во Охрид, Мери Проја Продановска од Државниот пазарен инспекторат.

Кога станува збор за недозволено сместување гости во Охрид, викендов инспекторите затекнале само четири такви случаи. Се контролираат исклучиво категоризираните објекти односно пријавните станоиздавачи, оние субјекти кои остваруваат приходи од сместување туристи.

– Собите и сместувачките објекти ги контролираме во пријавени објекти што имаат решенија за работа. Контролите најчесто го вршиме во попладневните часови после 16 часот, кога на сила е полицискиот час односно кога сите треба да се таму каде што ќе ноќеваат, појасни Продановска.

Таа нагласи дека споредено со првите денови на олабавувањето на мерките, економските оператори генерално ги почитуваат мерките, забраните и препораките за работа, односно се придржуваат на определените протоколи за работа.

– Најбитно е да бидеме свесни за ситуацијата, да држиме дистанца, да носиме маски и на тој начин со заеднички сили да го победиме невидливиот непријател, порача Продановска.

Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат остануваат на терен каде постојно ќе спроведуваат контроли на угостителските и сместувачките објекти на територијата на целата држава.

Продолжениот викенд донесе зголемен број  гости  во Охрид. Зголемена е раздвиженоста на луѓе по чаршијата, долж Кејот на Охридското Езеро и низ градот, но без позначајна посетеност на угостителските објекти, кафулињата и рестораните. Двомесечната изолација наметната поради епидемијата на коронавирусот како да ги одвикна луѓето да одат по кафеани и ресторани. Дури и со намален ограничен капацитет на столици, кафулињата во градот не беа полни. Рестораните уште попразни, иако градот бележи зголемен прилив на гости од другите градови. аб/бак/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Приведено и трето лице за убиството на докоторот пред поликлиниката во Железара

Тројца полициски службеници за несовесно работење во службата заработија кривични пријави 

Кривична пријава заработи лице кое заградило државно замјиште кај Бит Пазар и си наплаќал „арач“