Утрински Весник
Свет

Велика Британија и Франција со здружени сили против мигрантите

Франција бара Брисел да ја принуди секоја членка на ЕУ да прими мигранти

Велика Британија и Франција потпишаа договор за спречување на минување на мигранти преку Ла Манш. Двете земји се согласија да го зголемат бројот на полициски патроли на маршрутата што ја презедоа повеќе од 8.000 луѓе оваа година.

Британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател и нејзиниот колега од Франција, Жерар Дарманин, потпишаа договор за спречување на мигрантските рути преку Ла Манш, пренесува Гардијан. Пател и Дарманин се согласија дека бројот на припадници на француската полиција кои се дел од Ла Манш ќе биде двојно зголемен, но сè уште не е објавено колку британски полицајци ќе бидат ангажирани во запирање на минувањето на мигрантите.

Исто така, е договорено да се подобри технологијата за надзор, како што се беспилотни летала, радари, камери и слично. Договорот предвидува и мерки за поддршка на сместување на мигранти во Франција и мерки за зголемување на безбедноста на границата на пристаништата на северот и западот на земјата.

Бројот на мигранти кои го преминаа Ла Манш оваа година и стигнаа до Велика Британија надмина 8.000, што е значително повеќе од минатата година, кога бројот беше 1.835. Според неодамнешниот извештај, скоро 300 лица ги загубија животите при обид да го преминат Ла Манш од 1999 година. На новиот договор се спротивставија хуманитарни организации и активисти. Тие тврдат дека поради ваквите одговори на надлежните, мигрантите ќе прибегнат кон уште поопасни рути.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Нетанјаху не прифатил предлогот од шефот на Мосад за договор во Газа

Руско МНР: СБ на ОН повеќе не може да ги користи старите шаблони за Северна Кореја, Кина нема да ги поддржи санкциите

Туск: Почна нова ера на војни во Европа