Утрински Весник
Македонија

3 Мај, Светски ден на слободата на медиумите

3 Мај, Светски ден на слободата на медиумите
Ss2

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по повод 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, од власта и институциите очекува да покажат сериозна одговорност и посветеност во поддршката на медиумските права и слободи, во насока на креирање поволен амбиент за медиумите во кој што тие ќе дејствуваат без какви било ограничувања и препреки.

„Секој обид изолирано да се интервенира во медиумските политики и реформи, спротивно на заложбите на професионалната медиумска заедница, ќе го разбереме како обид за контрола и влијание и наметнување рестриктивни услови за работа на медиумите. Искуството потврдува дека најголемиот ризик за демократијата произлегува токму од медиумите што биле и остануваат под контрола на политичките центри на моќ“, велат од СЕММ.

300x250 (7)

Од таму наведуваат дека креирањето демократски амбиент за медиумите подразбира системски чекори и координација, со целосно разбирање и адресирање на причините и факторите коишто досега влијаеле врз слободата на медиумите.

„Политички независните медиуми се неизоставен дел од битката за промоција на демократски вредности и стандарди на квалитетно новинарство. Од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности“, пишува во соопштението.

Пандемијата, додаваат од СЕММ, уште еднаш ги потврди предизвиците пред кои се исправени медиумите во државата, почнувајќи од недоволната безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници, па до ограничувачките услови за работа на редакциите. Според СЕММ, квалитетното и инклузивно новинарство е единствениот начин за премостување на поделбите и промовирање демократски вредности и професионални новинарски стандарди.

„Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување“, велат од СЕММ.

Според пријавите до СЕММ, речиси 40 проценти од пријавените случаи во изминатата година се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, а загрижувачки е што во 67% од вкупниот број на жалби, станува збор за неточни и непроверени информаци, а во речиси 20% не се прави разлика меѓу фактите и мислењата, вестите и коментарот.

Ss1

Можете да прочитате

Се што треба да знаете ако утре гласате за прв пат во својот живот

ЦУК со апел за внимателност поради најавените метеоролошки промени

Гласаат 6.935 болни, затвореници, лица во старските домови – молк пред утрешните претседателски избори, тече кампањата за пратеници