Утрински Весник
Бизнис

Церемонија по повод пуштањето на автопатот Миладиновци -Штип

Церемонија по повод пуштањето на автопатот Миладиновци -Штип

Скопје, 6 јули 2019 (/) – Автопатот Миладиновци  – Штип денеска официјално ќе биде пуштен во употреба со церемонија кај Свети Николе во присуство на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен.

Во автопатската делница, долга 47 километри се вложени 177 милиони евра, и по неа се вози од пред еден месец, со соодветна сигнализација.

Автопатот е широк 27,4 метри, има четири ленти од 3,75 метри и две ленти за застанување од 2,5 метри. Проектираната брзина е 130 километри на час. По должината на автопатот има седум клучки. Летово, според најавите, ќе се градат планираните две патарини на автопатот, кај Кадрифаково и кај Свети Николе. Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини.

Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.

На терен во тек е изградба на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, што, исто така го гради „Синохидро“. Градежните активности треба да се интензивираат по исплатата дел од финансиите од првиот кредит од „Ексим банка“, како и одобрувањето и исплатата на вториот кредит од 185 милиони евра, што беше утврден со анекс на Договорот за изградба. лв/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Мицкоски – Клајн: На власта и нудиме решение за справување со енергетската криза, но немаат слух

Ковачевски: 16 проценти повисоки пензии, новата методологија обезбедува континуиран раст

(Видео) Мицкоски: Понудата за дупло поевтина струја сè уште стои