Утрински Весник
Македонија

Ученици, родители, професори и експерти активно вклучени во иницијативата за развој на „Фонд на млади умови“ на ФИТР

Ученици, родители, професори и експерти активно вклучени во иницијативата за развој на „Фонд на млади умови“ на ФИТР

Скопје, 10 јули 2019 (Утрински Весник) – Анализа на постојните инструменти за поддршка на мотивирани ученици, пропусти во системот, последици од неквалитетните реформи, како и проблемите со кои се соочува наставниот кадар и учениците, биле меѓу главните теми на дискусија на четирите фокус групи што се одржале на 8 и 9 јули во организација на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Како што информираат од ФИТР, целта на фокус групите била собирање податоци кои потоа ќе се искористат во креирањето на стратешката програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, наречен „Фонд за млади умови“ на која ФИТР работи повеќе месеци.

Во дводневните дискусии биле вклучени претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Академијата за науките и уметностите, како и универзитетски професори, членови на стручните служби во училиштата, невладини организации, и засегнати родители и студенти.

– Најважно во овој процес во кој сакаме да создадеме програма заснована на потребите на младите, е сите тие инстанци што спроведуваат различни програми да имаат глас, бидејќи нашата цел не е да создадеме нешто ново, туку да надградиме на нешто што веќе функционира. Поради тоа треба да дознаеме кои се програмите засновани на докази што се успешни во земјата, и како да ги надградиме на национално ниво, но и да ги идентификуваме празнините и потребите, истакна меѓународниот експерт и соработник на Фондот и УНИЦЕФ Северна Македонија, Ребека Елис, која работи и на изготвувањето на националната програма за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите и која ги водеше дводневните фокус групи.

Од ФИТР информираат дека освен стручниот кадар од училиштата и родителите покажале огромен интерес за креирање на ваква стратешка програма за поддршка на младите, додека пак средношколците и студентите отворено зборувале за нивните потреби и интереси и давале конкретни предлози за тоа како да се надминат моменталните недостатоци.

Враќање на секциите како воннаставни активности во училиштата, опремени лаборатории и кабинети, дополнителни часови на кои ученците ќе бидат слободни да ја изразат сопствената креативност, но и намалување на административната работа на наставниците, обуки за професорите да препознаваат талентирани деца биле некои од понудените можни решенија и мерки од учесниците.

Стратешка програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите – „Фонд за млади умови“ на ФИТР, предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата, наведуваат од ФИТР во соопштението.

Целта на оваа иницијатива на Фондот, како што соопштуваат, е да се креира системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите. мс/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кузеска: СДСМ отсекогаш била и е на страната на државните национални интереси, ВМРО-ДПМНЕ досега не поддржала ниту една стратешка одлука

Полициски службеник тешко повреден по пад од мотоцикл

Со фалсификувани дозволи за престој во Украина уапсени двајца турски државјани