Утрински Весник
Македонија

Стрип центарот од Велес издаде нови стрип книги

Стрип центарот од Велес издаде нови стрип книги

Велес, 17 јуни 2019 (/) – Стрип центарот со седиште во Велес со финансиска поддршка од Министерството за култура ги издаде на македонски јазик стрип книгите „Хавана САД“ од Гани Јакупи од Косово, „Реквијем“ од Марко Стојановиќ, Марко Николиќ и Дејан Ненадов од Србија и „1990 – 1999 Визуелна хроника на македонскиот стрип“ од Александар Стеванов од Штип. 

Томе Трајков од Стрип центарот од Велес изјави дека првите две книги се објавени како резултат на богатата интернационална соработка што Стрип центарот од Велес ја реализира долги години, додека третата книга е обид на македонскиот стрип автор да го афирмира и систематизира стрипот во нашата земја.

– Книгата „1990 -1999  Визуелна хроника на македонскиот стрип“ е успешен обид на младиот, но веќе докажан македонски стрип сценарист и хроничар Александар Стеванов, да го афирмира  и систематизира тешко видливиот, но реален континуитет на деветтата уметност – стрипот во нашата држава. Периодот што е обработуван започнува од осамостојувањето на Македонија и периодот кога во нашата држава веќе не се дистрибуираат изданија на српски јазик, појасни Трајков.

Додаде дека не се објавени планираните стрип изданија „Итар Пејо, трет дел“ од Диме Иванов – Димано и „Кирил и Методи“ од Миле Топуз, поради недоволните средства од Министерството за култура. Како што информира Трајков, доставиле жалба и се надеваат дека дополнително ќе добијат финансиска поддршка за нивно печатење бидејќи се работи за стрип книги важни за развојот на македонската стрип култура.

Покрај стрип книгите, од печат излезе и ревијата „СТРИП КРЕАТОР“. ад/бак/


Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ВРМО-ДПМНЕ: Не видовме план од Ковачевски, туку реакција на претходна понуда на Мицкоски

Министрите повеќе нема да можат да јадат лигњи и октопод, Ковачевски забрани морска храна

Пендаровски во посета на Прилеп во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“