Утрински Весник
Македонија

Статистика: Во 2018 година родени 21.333 деца, бројот на умрени лица 19.727

Статистика: Во 2018 година родени 21.333 деца, бројот на умрени лица 19.727

Скопје, 27 јуни 2019 (/) – Минатата година во земјава имало 21.333 живородени деца, а бројот на умрени лица бил 19.727, објави денеска Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци, во градските средини се родени повеќе деца отколку во селските средини, односно бројот на живородени деца во градските подрачја изнесувал 12.598 наспроти 8.735 новородени во руралните подрачја. По региони, најголемо учество во вкупниот број раѓања има скопскиот регион со 37,6 проценти, а најмало источниот регион со 6,5 проценти.

Во градските средини е поголема просечната возраст на мајката отколку во селските средини, а иста е ситуацијата и со просечната возраст на мајките кај првите раѓања. Статистиката покажува дека просечната возраст на мајката во градските подрачја изнесува 29.8 години наспроти 28.1 година во селските подрачја.

Кај умрените лица, повторно поголем е бројот на умрени во градските средини отколку во селските. Така, во градовите бројот на умрени лица изнесува 12.091 лице наспроти 7.636 умрени во селските средини. Најголемо учество има скопскиот регион, а најмало вардарскиот регион. Бројот на умрени доенчиња во градските подрачја е 69, додека во селските подрачја 53 доенчиња.

Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја е 73 години, а во селските средини 73.7 години.

Статистиката бележи негативен природен прираст во пет региони во државата и тоа Вардарскиот, Источниот, Југозападниот, Југоисточниот и Пелагонискиот.

Кај внатрешните миграции најголемо учество од 37 проценти имаат преселбите од село во град. Во овој дел предничи Источниот регион, додека во Полошкиот регион најголемо учество имаат меѓуселските преселби.

Салдото на надворешните миграции е најголемо во скопскиот, а најмало во вардарскиот регион. бак/сд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Груби: На Али Ахмети му треба народот, на народот му треба Али Ахмети

Пратениците изгласаа продолжување на кризните состојби заради недостиг на електрична и топлинска енергија

Млада скопјанка пронајдена почината во својот дом