Утрински Весник
Македонија

Средба Заев-Тимоние: Одговорно однесување од сите политички чинители, за прашањата од државен интерес

Средба Заев-Тимоние: Одговорно однесување од сите политички чинители, за прашањата од државен интерес

Скопје, 8 јули 2019 (Утрински Весник) – Премиерот Зоран Заев имаше средба со амбасадорот на Француската Република во земјава, Кристијан Тимоние. На средбата, како што соопшти владината прес-служба, било констатирано дека Франција е голем пријател на Северна Македонија и дека искреното пријателство помага во демократските и интеграциските процеси на нашата држава.

Премиерот Заев информирал за споделената определба со францускиот премиер Едуар Филип во Познањ, Полска, да се интензивираат и билатералните односи меѓу двете земји, со унапредувања во повеќе области, меѓу кои и економијата.

На состанокот со францускиот амбасадор било разговарано и за имплементацијата на потребните реформи и за важноста од покажување одговорност од страна на сите политички субјекти и општествени чинители, за прашањата од државен интерес.

-Силно сме посветени на практична имплементација на сите донесени закони и реформски чекори. Нашата определба како Влада е, во следниот период, заедно со опозицијата, уште пофокусирано да се посветиме на решението за Законот за јавно обвинителство. Ефикасно правосудство и борба против корупцијата се двете важни области за нашата држава, што е европски определена и очекува исчекор во октомври во делот на евроинтеграциите, рекол Заев на средбата со францускиот амбасадор.

Премиерот разговарал со Тимоние и за економските чекори што ќе се преземат со цел зголемување на платите и пензиите и поголем економски раст, за граѓаните да почувствуваат скорешни директни бенефити во квалитетот на живот. сст/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Весна Дамева е нова претседателка на Судскиот совет

Герасимовски поднесе оставка од функцијата директор на Академијата за судии и обвинители

Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита