Утрински Весник
Македонија

Спасовски: Заклучоците од Берлинскиот процес нов силен инпут во колективна европска безбедност

Спасовски: Заклучоците од Берлинскиот процес нов силен инпут во колективна европска безбедност

Скопје, 4 јули 2019 (Утрински Весник) – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес-конференција со негови колеги учесници на министерската конференција што во рамки на Берлинскиот процес се одржува во Познањ, Полска, истакна дека таа е од исклучително значење за земјите од  Западниот Балкан, зашто се реферира за преземените активности и постигнувања во стратешки важните теми, но и за да се провери направеното и да се разменат дополнителни искуства и предлози.

Тие се однесуваат на борбата против корупцијата, миграциите, регионалната соработка по однос на разните безбедносни закани како и патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во Западен Балкан до 2024 година.

Спасовски, како што соопшти МВР, истакна дека сето ова е во насока на што подинамично градење концепти и решенија како на национално ниво, така и на регионално ниво во функционално и квалитетно спротивставување на сите реални предизвици и нивно анулирање во интерес на националната и регионална безбедност и стабилност.

-Во крајна линија, една од примарните цели на самиот Берлински процес е токму соработката во трасирањето на патот и градењето стандарди и вредности кон целосна европска интеграција на државите од регионот на Западниот Балкан, потенцираше министерот Спасовски на заедничката прес-конференција со полската министерката за внатрешни работи Елзбита Витек, германскиот сојузен министер за внатрешни работи Марко Вандервиц и бугарскиот заменик-министер за внатрешни работи Милко Бремер.

По однос на претпладневниот дел од конференцијата министерот Спасовски посочи дека се дискутирало за се уште горливите прашања поврзани со миграциските процеси, а пак во рамки на завршената прва работна сесија и околу продлабочувањето на регионалната соработка за заедничките безбедносни закани, особено во контекст на поквалитетна размена на информации во борбата против трговијата со луѓе, модерното ропство, криумчарењето дроги.

-Од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија јасно ги презентирав не само актуелните позиции и досега спроведеното во склоп на темите што пред малку ги посочив, туку некои за нас битни аспекти што треба во наредниот период да бидат во фокусот на нашето заедничко работење. Како што е, на пример, случајот со надградба и воспоставување координиран систем на оперативните-полициски бази на податоци, односно нивно осовременување, модернизирање и вмрежување со јасна контрола на пристап на секоја од агенциите за спроведување на законите, истакна Спасовски. Тој, исто така, изрази очекување дека заклучоците од оваа конференција ќе бидат нов силен инпут за натамошно интензивирање како во поглед на националните напори за реформирање и етаблирање на кредибилни национални институции за спроведување на законите, така и во поглед на подинамична регионална соработка што ќе овозможи и реален напредок во системот на колективна европска безбедност.

МВР информира дека по прес-конференцијата министрите за внатрешни работи од земјите на ЕУ и од Западниот Балкан ќе разговараат околу Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во западниот Балкан до 2024 година, како и за обврските во борбата против корупцијата, а во контекст на антикорупциските заложби усвоени во текот на самитот на Западен Балкан во Лондон 2018 година. Предвидено е министерот Спасовски да  има свои обраќања и во врска со овие две теми. хс/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерката Петровска на безбедносен форум во Црна Гора – ќе се дискутираат прашања за регионалната безбедност

Сончево време со температура до 26 степени

ВМРО-ДПМНЕ денес ќе достави измени на законот за здруженија