Утрински Весник
Македонија

„Сојузот за живот“ со марш и Декларација побара заштита на семејството и бракот

„Сојузот за живот“ со марш и Декларација побара заштита на семејството и бракот

Скопје, 29 јуни 2019 (/) – Преку Декларација за заштита на бракот и семејството и мирен марш низ центарот на Скопје, 19 граѓански здруженија и неформални групи од граѓанско – верската платформа „Сојуз за живот“ денеска побараа зачувување на традиционалните семејни вредности со почитување на бракот како заедница меѓу маж и жена, спротивставувајќи се на редефинирање на семејството, бракот, полот и родот.

„Бог, брак, семејство, смисла“, „Само животот има иднина“, „Полот и родот се билогија, а не  идеологија“, „Мајка и татко-темелен покрив“, „Плодот во утробата има права“, „Пропаганда стоп“,  беа дел од транспарентите на маршот.

– Загрижени поради обидите за редефинирање на бракот и семејството со агресивна прпаганда и идеологија, наша одговорност пред Бог, совеста и светоста на животот, е да ги сведочиме и браниме трајните морални вредности на човештвото и општеството: бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, семејството, верата, нацијата и државата. Во духот на овие трајни морални вредности бараме воспитување и образование на нашите деца и следните поколенија,стои во Декларацијата, што беше прочитана на граѓанско-верскиот собир пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ со којшто беше заокружен маршот.

Потписните на Декларацијата бараат државата да обезбеди услови за хармоничен развој на личноста на детето во општество што ги афирмира вредностите на бракот и семејството и како што наведуваат, детето да расте со љубов и разбирање од еден татко и една мајка како биолошки и законски родители или со законско родителско старателство. За нив се неприфатливи истополовите бракови, преименување на таткото и мајката со полово недефинирани родител 1 и родител 2, како и родовата идеологија во воспитувањето и образованието на децата. Сметаат дека треба да се озакони забраната за посвојување деца од истополови партнери или од партнери со оперативно променети полови. Меѓу останатото, побараа национална стратегија за заштита на бракот и семејството со социо-економски мерки и активности за нивно опстојување, како и национална демографска стратегија за поттикнување на наталитетот, хумана популациска политика и спречување на емиграцијата.

Под мотото „Сведоштво за семејството“ пораки за зачувување на вредностите на традиционалното семејство и бракот упатија и претставници на МПЦ- ОА, Католичката и Евангелистичката црква во државава и од невладини организации.

– Се собравме на ова сведоштво не со цел да бидеме против некого, туку за да засведочиме за она што е единствено вистинско и живоодржливо. Нема ништо поживо, попоттикнувачко и поодржливо од бракот и семејството. Затоа испраќаме порака до оние кои имаат моќ да одлучуваат, моменталната и идните власти, дека како граѓани и како верници од сите традиционални верски заедници во Македонија не се согласуваме и не го прифаќаме процесот во западните земји кој има за цел редефинирање на бракот, семејството, полот и родот.  Покрај порака упатуваме и загриженост за последиците од  тие процеси, рече отец Ивица Тодоров од МПЦ – ОА.

Отец Давор Топиќ, претставник на Католичката црква, пак, пред учесниците на собирот истакна дека заедништвото на мажот и жената е единствено природно, темелно и прекрасно добро за лицата, заедницата и целото општаество. – Најголемиот подарок што го примивме и што го имаме е животот и секој човечки живот е свет. Бог токму овој најскапоцен дар му го довери на семејството: тоа е носител на животот и расадник на вредностите, рече отец Топиќ.

Од Здружението против абортусот „Срце што чука“ исто така побараа да се зачува традиционалното семејство и бракот меѓу маж и жена, а децата да се учат на, како што велат, вистинските морални вредности.

– Да не дозволиме оние што не знаат што да прават со себе да ни наметнуваат нови норми и правила и да не дозволиме да влезат во училиштата и на нашите деца да им покажуваат изопачености. Да не останеме неми пред поганите зборови што ги упатуваат и да не останеме со наведнати глави, туку храбро да истапиме напред, рече Светлана Јованова, претставник на здружението „Срце што чука“.

Граѓанско-верскиот собир почна претпладне пред црквата „Раѓање на Пресвета Богородица“  каде се одржа литургија и културно-уметничка програма, по што поддржувачите на платформата „Сојуз за живот“  маршираа низ центарот на градот. лв/бак/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Сончево време со температура до 26 степени

ВМРО-ДПМНЕ денес ќе достави измени на законот за здруженија

„Чекајќи го следниот состанок“ – Вучиќ и Ковачевски oдмораат на скали