Кочани, 3 јули 2019 (Утрински Весник) – Почна реализацијата на втората, завршна фаза од реконструкцијата на регионалниот патен правец од Кочани кон планинскиот туристички центар Пониква на Осоговските Планини.
Работници и механизација се ангажирани на поставувањето бетонски рабници на коловозот, а според најавите треба да се изврши и замена на оштетената и дотраена метална заштитна ограда. Градежните работи се дел од проектот за санирање на патниот правец во должина од 11 километри, при што на крајот на минатата година беше завршено преасфалтирањето на делницата од Шумската куќа до одморалиштето на МВР на Пониква.
За реализација на комплетната реконструкција на коловозот и придружната опрема Министерството за транспорт и врски инвестираше над 102 милиони денари, при што освен нов асфалтен слој на коловозот со широчина од шест метри, се работеше и на поправка на пропустите за атмосферската вода. Исто така, беа преасфалтирани и околу два километри од пристапната улица „Страшо Ербапче“ во Кочани, која всушност е дел од регионалниот пат.
Според најавите од изведувачот на градежните работи на патот, се очекува поставувањето на рабниците и останатите активности од втората фаза на реконструкцијата да се комплетираат до крајот на овој месец. По обележувањето на хоризонталната сигнализација што беше завршено неодамна, се очекува да бидат поставени и нови сообраќајни знаци и информативни табли. та/мс/