Утрински Весник
Македонија

Се поблиску отворањето на граничниот премин Клепало

Се поблиску отворањето на граничниот премин Клепало

Берово, 10 јули 2019 (Утрински Весник) – Се поблиску оствaрувањето на заложбата на општина Берово за отворање на граничниот премин Клепало што треба да ги зајакне врските меѓу народите од двете страни на границата. Како што истакна градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, освен што се рехабилитира патот од Берово до граничниот премин, на заедничка средба со партнерската општина Струмјани, на 15 јули ќе се знаат и конкретни работи за довршување на работите од бугарска страна, со цел до 2020 година преминот конечно да профункционира.
– Во постојана комуникација сме со општина Струмјани, во петок имаме закажано потпишување на договор за заеднички проект за порекугранична соработка при што ќе поразговараме и за преминот. Од она што го знаеме од претходно, од страната на Струмјани остануваат шест ипол километри незавршен дел за доизградба на патната инфраструктура. Како што ме информираше градоначалникот на Струмјани, со кој сме во постојан контакт, тие бараат средства за дозавршување на овој проект, со што искрено се надеваме дека во предвидениот рок и од нивна страна ќе бидат завршени обврските, истакна Пекевски.
Освен ставањето во функција на граничниот премин Клепало на чија патна инфраструктура се работи, во моментот во источна Македонија не се планираат други активности за отворање на нови гранични премини, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, одговарајќи на новинарско прашање. Тој остави простор за такво нешто, но само низ заеднички разговори со бугарските власти.
-Во разговорите со бугарските власти треба да ги видиме и нивните потреби за евентуално отпочнување на разговори за нови гранични премини. Во моментов со оспособувањето на граничниот премин Клепало, се асфалтираа и патиштата до граничен премин Делчево и од Струмица до Ново село, што за нас ќе биде сосема доволно. Сепак во иднина, доколку се укаже потреба да се отворат нови гранични премини и на тоа ќе се размислува, секако во соработка со соседите, рече Сугарески.
 
Освен Клепало, низ годините, како идни потенцијални гранични премини на крајниот Исток биле споменувани Црна Скала кај Делчево и Ајдутски Кладенец кај Пехчево. Засега најнадежна е ситуацијата кај „Клепало“, каде доколку се се одвива според планираното, Берово и Струмјани во 2020 година би можеле да го добијат посакуваниот граничен премин. вс/бт/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ денес ќе достави измени на законот за здруженија

„Чекајќи го следниот состанок“ – Вучиќ и Ковачевски oдмораат на скали

Ковачевски-Нехамер во Прага: Австрија е силен поддржувач на Северна Македонија и регионот да се дел од ЕУ